Јанушев: Милиони евра нудени на пратеници да гласаат

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во исчекување на продолќението на седницата за уставни промени го обвини премиерот Зоран Заев дека се врши невиден притисок врз нивните пратеници за да гласаат за Договорот од Преспа, а се нуделе и милиони евра само да се обезбеди двотретинско мнозинство.

Велат ако не се бориш, веќе си загубил, решеноста да се бориш значи половина добиена битка.ВМРО-ДПМНЕ одбра борба против оваа власт, влезе во битка за Македонија, во моменти кога на власт се наоѓа неодговорна, криминална и неспособна политичка елита. Денес се случува вистинска драма. Структури на власта, и структури кои одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија.Собранието на Република Македонија се претвори во пазар, и арена на притисоци, закани и уцени. Денес добива совршена смисла се она што се случуваше во изминатата година ипол. Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени произлезени од договорот со Грција, изјави Јанушев.

Според него, се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе.

Ќе споменам неколку примери, на еден пратеник му се понудени 1 милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени, на друг пратеник му се понудени 2 милиони евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина. Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето.Господине Заев има ли алал во ова? Дали сте свесен господине Заев што правите и во каков амбис ја водите државата? Тргнете ги рацете од волјата на народот и оставете пратениците слободно да одлучуваат. Никаде во светот нема киднапирано Собрание и расправа која ќе се закаже се додека се постигне потребното мнозинство за кое власта решило дека мора да се постигне. Ова е невиден преседан. Се ова ќе ви се врати како бумеранг, ова не се демократски вредности, ова не е за Европска Македонија за која наводно се боревте, ова е диктатура на неколкумина врз мнозинството, рече Јанушев.

Тој потенцира дека ова што Заев денес го нарекува обиди за создавање на мнозинство, во реалноста е насилие, насилие токму врз македонскиот народ.

Во Собранието повеќе од присуството на Зоран Заев е потребно присуството на јавното обвинителство кое мора веднаш да преземе мерки, и да се испитаат сите наводи за противзаконско и противуставно работење, сите закани, сите уцени, и притисоци. Дозволете во оваа прилика да им одадам признание на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија кои не подлегнаа на притисоците и заканите, кои во овие моменти се стожерот врз кој се потпира волјата на граѓаните, вие сте последната брана пред оваа налудничава и недемократска Влада и наша заедничка обврска е да опстоиме. И ќе опстоиме. И ќе победиме. И само за крај, г-дине Заев – Вашата злоба и насилство не е поголема од нашата љубов кон Македонија, рече Јанушев.