Јапонија одбележува три години од нуклеарната катастрофа во Фукушима

Јапонија денеска одбележува три години од разорниот земјотрес и цунами, во кои што загинаа и исчезнаа околу 19.000 лица, а катастрофата од огромни размери ги опустоши крајбрежните подрачја и предизвика нуклеарна криза.

Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, денеска во Токио присуствува на комеморативна седница, одбележувајќи го моментот кога Јапонија беше погодена од земјотрес со интензитет од девет степени.

Жителите на северниот дел на земјата кои го преживеале цунамито одржале комеморативна седница во знак на сеќавање на своите најблиски.

Тројната катастрофа- земјотрес, цунами и нуклеарна хаварија, на денешен ден пред три години однесе 15.884 животи, додека 2.636 од нив се водат како исчезнати на северното јапонско крајбрежје, а околу 270.000 лица, од кои многу се од Фукушима, не можат да се вратат во своите домови поради висока радијација.