Јапонската „THK CO LTD“ заинтересирана за влез на македонскиот пазар

Јапонската компанија „THK CO LTD“заинтересирана за влез на македонскиот пазар. Компанијата се занимава со производство на високи технологии, а има намера да влезе на македонскиот пазар и да воспостави контакти со македонските компании.

За таа цел денеска во Стопанската комора на Македонија претставници на компанијата ги презентираа дел од своите производи, меѓу кои и робот кој во зависност од апликацијата чини од 22 до 30 илјади евра. Иднината на овој производ, како што велат од компанијата, е голема. Таргет група им се компании кои се занимаваат со сеизмичка дејност и со земјотреси.

Јапонската „THK CO LTD“ заинтересирана за влез на македонскиот пазар
Јапонската „THK CO LTD“ заинтересирана за влез на македонскиот пазар

Сакаме да воспоставиме мрежа во Македонија и добро би било оваа презентација да биде почеток на градење на нашите идни односи, изјави Хиројуки Масуки од „THK CO LTD“, пренесе МИА.

Јапонската компанија е основана во 1971 година во Токио и во текот на своето 44-годишно постоење има отворено 18 претставништва во повеќе држави низ светот.

Од Стопанската комора на Македонија денешната презентација ја оценуваат како добра можност за македонските компании и се надеваат дека нејзиното присуство во Македонија ќе придонесе за зголемување на вкупната трговска размена меѓу двете држави.

Целта на Стопанската комора е да работи во интерес на компаниите и во изнаоѓање на нови партнерства, а денешната презентација е одлична можност за македонските компании да воспоставаат соработка со оваа јапонска компанија која произведува високи технологии што се применливи во производството и во јавниот сектор, изјави Јадранка Аризанковка од Стопанската комора на Македонија.

Трговската размена меѓу Македонија и Јапонија во периодот од јануари до јули годинава достигна вредност од 33,1 милион американски долари. Притоа е остварен извоз од 881 илјада долари што претставува зголемување за 15 проценти во однос на истиот период лани, додека увозот изнесува 32,2 милиони долари или пад од 7,9 проценти.