Јавна расправа за нов закон за општа управна постапка

Јавна расправа за новиот Предлог- Закон за општа управна постапка ќе се одржи денеска во Скопје која ќе ја води министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Според ресорниот министер со новиот закон ќе се надмине проблемот со губење документи на граѓаните од страна на институциите. Ќе се воведе задолжителна електронска комуникација меѓу институциите при одлучување по предметите.

-Новиот закон треба да го модернизира системот на управна постапка, да ја подобри нивната транспарентност и да ја зголеми довербата на граѓаните во јавната администрација. Ќе се обезбедат што е можно поефикасни, поедноставни и побрзи управни постапки, со намалени административни трошоци за државниот Буџет и за деловниот сектор, истакна Ивановски на презентацијата на законот.

Тој информираше дека секоја институција ќе мора да воведе електронска пошта за барања од граѓаните. Измени ќе има и кај жалбената постапка. Во сегашниот систем граѓанинот се жали на одлука од првостепен орган повторно до првостепен орган, кој потоа жалбата ја испраќа до второстепен. Потоа второстепениот орган го бара предметот за да може да одлучува. Сега, во случај првостепениот орган да одговори негативно, жалбата ќе оди директно до второстепениот орган. Со тоа се кратат роковите, ќе се забрза постапката и ќе се намалат трошоците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.