Jемен: Во напад со беспилотни летала врз воздухопловна база загинаа 30 војници

Најмалку 30 провладини борци загинаа во напад врз воздушна база во јужен Јемен, соопштија безбедносни и медицински извори.

Портпаролот на јеменските јужни сили изјави дека воздушната база Ал Анад била цел на вооружени беспилотни летала и проектили.

 

 

Тој го обвини бунтовничкото движење Хути, поврзано со Иран, кое води војна против владата поддржана од Саудиска Арабија.

Јемен е уништен од конфликтот што ескалираше во 2015 година, кога Хутите ја презедоа контролата врз големи делови од земјата, а коалицијата предводена од Саудиска Арабија започна операција за враќање на владеењето на претседателот Абдрабух Мансур Хади.

Наводно, во борбите загинаа повеќе од 130.000 луѓе и предизвикаа, како што велат ОН, најголемата хуманитарна криза во светот, при што 12 милиони луѓе се потпираат на помош за храна и половина од децата под пет години се соочуваат со неухранетост.

Војник кој беше сведок на она што се случи во Ал-Анад во неделата рече дека тој и неговите другари биле собрани во хангар после појадок кога виделе дрон како лебди над главата.

„Се обидовме да пукаме кон него и да го срушиме, но не можевме да го погодиме“, рече тој за новинската агенција АФП. „Леталото прелета и се упати директно кон хангарот, каде испука два проектили.

Друг сојузник, кој беше ранет во нападот, Насер Саид, изјави за Асошиејтед прес дека 50 војници биле внатре во хангарот кога бил погоден од проектили и дронови натоварени со бомби, и дека собориле еден од нив.

Портпаролот на јужните сили Мохамед ал-Накиб рече дека најмалку 30 војници загинале, а 60 други се ранети, од кои многумина се во критична состојба.

Тој предупреди дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи спасувачките екипи сеуште трагаат низ местото.

Претседателот Хади изрази сочувство до семејствата на убиените и вети дека Хутите „ќе платат многу за сите злосторства што ги направија против народот во Јемен“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.