Јеменските бунтовници ракетираа касарна на саудиската армија

Бунтовниците од јеменското шиитско движење „Ансар Алла“ (Хусити), извршиле ракетен удар врз касарна во Саудиска Арабија, во градот Наџран, соопшти во саботата портпаролот на бунтовничкото министерството за одбрана, Јахја Сари, од јеменската престолнина Сана.

Според портпаролот, нападот бил извршен со балистички проектил од класата „Бадер“. Како што тврди бунтовничкиот портпарол, ракетата прецизно ја погодила целта, и како резултат на тоа десетици лица биле убиени и ранети, „што предизвика панија во редовите на саудиската војска“.

„Убиените и ранетите се однесени во болниците во Наџран“, додал портпаролот на јеменските бунтовници.

Засега нема потврди од страна на сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија, која во Јемен интервенира на страната на провладините сили против Хуситите.

Пред неколку дена Сари, исто така, изјави дека Хуситите истрелале балистичка ракета со среден дострел на воена смотра која се одржувала во базата „ал-Џалја“ крај градот Аден. Тогаш, како што пренесе телевизијата Al Arabiya, загинале 40 луѓе, меѓу кои и командатот на силите за поддршка, бригадниот генерал Мунир Јафија, а повредени биле повеќе десетици саудиски војници.

Воено-политичкиот судир во Јемен меѓу владата и хуситските бунтовници од шиитското движење Ансар Алла се разгоре во 2014 година, кога Хуситите, меѓу другото, беа незадоволни од тоа како централните власти се справуваат со радикалното движење Ал Каеда, која контролираше големи територии од земјата и стана најопасната терористичка група во тој момент, според американското разуснавање. Од март 2015 година во јеменскиот конфликт на страната на владата се вклучи и арапската сунитска коалиција предводена од Саудиска Арабија.

Дури ланскиот декември, двете страни во јеменскиот граѓански конфликт првпат по неколку години седнаа на преговарачката маса, на разговори под покровителство на Обединетите нации во Стокхолм. Тогаш беа постигнати некои важно договори, како за размена на заробениците, прекин на огнот во пристанишниот град Ходеида на Црвеното Море, и негово предавање под контрола на ОН. Овој важен град беше алтернативна престолнина на јеменската влада, но шиитските бунтовници, како и главниот град Сана, го заземаа под своја контрола.