Јолевски: Македонија ќе ги интензивира реформите за поскора интеграција во ЕУ и НАТО

На средбите, како што информира Министерството за одбрана, бил ставен акцент на успехот на Македонија во справувањето на мигрантската криза и начинот на соработка со земјите од регионот и било разговарано за заложбата на македонската Влада за организирање фер и демократски избори наредниот месец, со што, како што е наведено во соопштението, би се ставил крај на политичката криза која владее во земјата.

Министерот Јолевски дал уверување дека по изборите Македонија со забрзано темпо ќе ги интензивира реформите кои се пред се значајни за граѓаните на Македонија, а со тоа и ќе се овозможи полесна интеграција на Македонија во Евро-атлантскиот сојуз.

Во салата на реномираниот Институтот за мир на САД во Вашингтон, синоќа по седми пат се одржа традиционалниот Концерт за Денот на благодарноста со кој се одбележува стратегиското партнерство меѓу САД и Македонија. Македонските уметници, композиторот и пијанистот Дуке Бојаџиев и кларинетистот Исмаил Лумановски со речиси двочасовниот настап ја воодушевија публиката.

133439730

Министерот Јолевски во обраќањето пред присутните гости од Стејт Департментот, Пентагон, од Сенатот и Конгресот, претставници од дипломатскиот кор, невладиниот сектор и македонската дијаспора во оваа прилика ја истакнал одличната соработка меѓу Македонија и САД и искажал благодарност за досегашната поддршка и стратешкото партнерство во областа на одбраната, образованието и науката, здравството, трговијата и инвестициите и други области.

Јолевски, како што соопшти Министерството за одбрана,  денеска отпатувал за Канада каде ќе говори на Форум на тема „Мигрантската криза и нејзиниот импакт врз земјите од т.н. Западен Балкан, ЕУ и НАТО“, на Универзитетот Карлтон во Отава. Воедно во текот на денот ќе се сретне и со спикерот на Канадскиот парламент, Џорџ Фуреј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.