Јолевски на безбедносен форум во Будва

Делегација на министерството за одбрана, предводена од министерот Зоран Јолевски, денес и утре ќе учествува на годишниот безбедносен форум „2BS – To be secure“ во Будва, Црна Гора.

Министерот Јолевски ќе има свое излагање на панелот посветен на преструктуирањето  на безбедносниот систем со цел справување со современите закани од тероризмот.

На форумот, учество ќе земат претседатели, министри и високи претставници на министерствата за одбрана и за надворешни работи на земјите од регионот, меѓу кои и Хрватска, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија и др.

2BS е годишен форум посветен на прашања од глобалната и евроатлантската безбедност, како и на безбедноста на земјите од Југоисточна Европа. Целта на Форумот е да придонесе кон критичкото размислување за реформите во Југоисточна Европа и нивно имплементирање, изградба и зајакнување на врските помеѓу сите вклучени страни со цел постигнување на побезбеден и просперитетен Регион со капацитет да придонесе во борбата со глобалните предизвици.