Јолевски на безбедносен форум во Црна Гора

Министерот за одбрана Зоран Јолевски учествуваше на безбедносен форум „2BS – To be secure“ во Будва, Црна Гора, чија цел е да придонесе кон критичкото размислување за реформите во Југоисточна Европа со цел постигнување на побезбеден и просперитетен регион со капацитет да придонесе во борбата со глобалните предизвици.

Говорејќи на панелот посветен на преструктирањето на безбедносниот систем со цел справување со современите безбедносни предизвици министерот Јолевски истакнал дека дека Република Македонија е докажан партнер на Алијансата со долгогодишно учество во мисии и операции во поддршка на мирот и партнер со вистински национален и политички консензус околу прашањето за евроатлатска интеграција.

Во контекст на реформите за посоодветно справување со радикалниот тероризам, министерот за одбрана потенцирал дека пристапот околу преструктурирање на безбедносните системи во ова време на несигурност треба да биде координиран и да ги вклучува сите инструменти на национална моќ, а не само воените.

Покрај министерот Јолевски за потребата од реформа на безбедносните структури говореле и министерката за одбрана на Република Црна Гора Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ, претставникот на Одделот за нови безбедносни предизвици на НАТО Џулиет Брд и специјалниот пратеник на претседателот на САД за борба со ИСИЛ – гелералот Џон Ален.

На маргините на состанокот, Министерот Јолевски остварил билатерални средби со генералот Џон Ален, претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и Хојт Ји – заменик помошник државен секретар за Европа на САД.

„To Be Secure“ е годишен форум посветен на прашања од глобалната и евроатлантската безбедност, како и на безбедноста на земјите од Југоисточна Европа.  На форумот, учествуваа и претседателите на Хрватска и на Црна Гора, министрите за одбрана и надворешни работи на земјите од регионот, останати и високи претставници на НАТО и организации од областа на безбедноста.