Јолевски се сретна со државниот секретар за одбрана на Франција

Јолевски во Брисел

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во Париз оствари средба со државниот секретар во Министерството за одбрана на Франција Жан Марк Тодешини, на која потенцирал дека Република Македонија ги исполнила сите критериуми за полноправно членство во Алијансата, соопшти Министерството за одбрана.

– Ние ги споделуваме вредностите на НАТО, а воедно и активно придонесуваме кон глобалниот мир и стабилност. Интеграцијата на Македонија во НАТО има голема поддршка од граѓаните и е приоритет на Владата на Република Македонија. Со интеграција на Македонија во Алијансата ќе се придонесе кон натамошното зајакнување на стабилноста и просперитетот во регионот и во Европа, изјавил министерот на средбата, на која се заблагодарил за развојот на билатералната соработка со Франција која се движи во нагорна линија.

Како што информира МО, Тодешини посочил дека Македонија е докажан партнер на Алијансата кој во голема мера има придонесено во мисијата ИСАФ и продолжува да придонесува во новата мисија „Одлучна поддршка“. Во однос на соработката, тој укажал на фактот дека тоа е единствениот начин кон побезбедна и попросперитетна Европа, за своите граѓани.

Министерот Јолевски денеска присуствуваше на 51. Саем за воздухопловство и вселенска технологија во Париз при што посети голем дел од излагачите, меѓу кои и најголемите и нареспектираните компании во областа на воздухопловството.

– Министерот посочи дека Република Македонија, која развива мобилна и современа армија, секогаш подготвена да го заштити територијалниот интегритет и суверенитет на државата, мора да остане во тек со новите достигнувања во областа на воената технологија. Јолевски на саемот имаше разговори со повеќе соговорници со цел високо развиениот Центар за обука на пилоти во Република Македонија да прерасне во глобален центар за обука, соопшти Министерството за одбрана.