Јовановски: СДСМ преку полицијата врши терор и притисок врз граѓаните

Владејачката СДСМ во текот на првиот круг од локалните избори одржан минатата недела како и во текот на кампањата за вториот изборен круг, целосно ги злоупотреби државните институции во партиски цели, вклучувајќи ги и криминалците кои ги ставија во погон давајќи сигнал дека ќе бидат амнестирани и надградени за сѐ што ќе направат, истакна во четвртокот пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Јовановски рече дека сите притисоци и тероризирања на гласачите било вршено со аминување од страна на Министерството за внатрешни работи кое се ставило во заштита на сите оние кои одеа по домови за да купуваат гласови.

„СДС целосно ја стави полицијата во служба на партијата. СДС преку полицијата врши терор и притисок врз граѓаните на Република Македонија и ја оневозможува слободата. Полицијата наместо да спроведува ред и мир, активно учествува во изборните нерегуларности на СДС. МВР се стави во служба на кандидатот за градоначалник на СДС за Шуто Оризари, Курто Дудуш, за тој да може да врши притисок врз граѓаните и да се заканува врз политичките неистомисленици. Изборната трка за вториот круг од локалните избори СДС ја започна со хермелини, џипови, специјалци и алфи по улиците на Шуто Оризари. Ситуацијата во Шуто Оризари воопшто не наликуваше на фер и мирна предизборна атмосфера, напротив изгледаше како таму да има воена состојба“, нагласи Јовановски.

Посочи дека хаосот од владеењето на СДСМ беше видлив и во текот на самата изборна кампања.

„Се купуваа гласови во речиси сите делови на државата. Од медиумите видовме фотографии и видео материјали од кои јасно се гледа како работела власта, и на кој начин ја подразбира демократијата. Аздисаноста на СДС во целосна светлина ја видовме веднаш по изборите: имавме напади со нож, обид за ликвидација, скршени и запалени автомобили и пукање со огнено оружје. Беше извршен обид за ликвидација на претседателот на политичката партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од страна на луѓе блиски до раководството на СДС. Чин кој претставува директен напад врз демократијата, врз правната држава и врз слободната мисла. Во Свети Николе група активисти на СДС крвнички претепаа полицаец и пред неговото семејство му се закануваа со негово убиство и смрт на неговото семејство, само затоа што не е член или симпатизер на нивната партија. Во општински штаб на СДС во Бутел беше пукано со огнено оружје, вечерта по изборите, за тоа има и фото-документација, а во МВР имаме целосен молк и никаква интервенција за расчистување на случајот. Активистите на СДС добија целосна слобода и по улиците, на повеќе места низ државата пукаа со огнено оружје, гордо објавувајќи слики од истото по социјалните мрежи. Ослободени од кривична одговорност продолжија со дивеењето, кршеа и палеа автомобили на политички неистомисленици. Сето ова покажува дека СДС планира да ја води Република Македонија кон целосен хаос. Криминалот и насилството да владеат по улиците, а несигурноста и неизвесноста по животот на граѓаните да демне низ секое населено место во државата“, посочи Јовановски.

Додаде дека за само три дена по изборите граѓаните се увериле што значи апсолутната власт на СДСМ: бандитизам, незаконие и несигурност. Меѓутоа, додаде Јовановски, граѓаните и натаму имаат шанса „да стават крај на аздисаноста на СДС и да ги вратат демократијата и владеењето на правото“ во Република Македонија.