Јовески за ТВ 21: По одморот Јанева ќе биде повикана на распит – „Можно е нашите видеа да бидат исти како на „Ла Верита“

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески за ТВ 21 потврдува дека сите вмешани во случајот „Рекет“ ќе бидат земени на распит во Обвинителство, вклучувајќи ја и Катица Јанева, но без да открие кога ќе се случи тоа.

„Сите инволвирани ќе бидат неселективно сослушани или распитани. Редоследот Обвинителството, заради доверливоста, не го соопштува однапред“, вели Љубомир Јовески – државен обвинител.

Јовески додава дека има шанси видео и аудио-материјалите кои ги објави италијански весник, да бидат истите како оние што ги поседува ЈО како докази. Но, обвинителството тврди дека тие не се извор на видеата кои ги објавува италијанскиот весник.
Истите снимки, обвинителството ги поседувало и дента кога Јовески и Рускоска излегоа на прес-конференција за да го информираат за скандалот „Рекет“. Но, зошто овие докази не беа доволни за Обвинителството да ја повика Јанева на распит?

„Во ниеден момент Обвинителството не изјавило дека Јанева нема да биде повикана во истрагата. Кои докази во кое време од истрагата ќе бидат изведени е од особена важност за обезбедување докази и целосно расчистување на делото“, вели Љубомир Јовески – државен обвинител.

Уште од почетокот на август, случајот „Рекет“ е на пауза поради судската ферија, вклучувајќи го и обвинителот Јовески, шефицата за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска и специјалната обвинителка Катица Јанева, која е осомничена за вмешаност во „Рекет“. Предметот во моментов е во истражна постапка.