ЈСП ги демантира тврдењата на синдикалците

Од ЈСП тврдат дека не ја одзеле документацијата на Независниот синдикат на возачи (НСВ) при ЈСП Скопје и дека се неосновани и паушални обвинувања на адреса на менаџментот на претпријатието упатени од синдикалците, кои биле исфрлени од нивните простории.

Ноторна лага е дека директорот и менаџментот направиле упад во просториите на НСВ и му ја одзеле документацијата. Целата процедура се спроведе согласно законот со наменски формирана комисија и направен записник, бидејќи и покрај постигнатиот договор за напуштање на просториите, НСВ не го стори тоа во договорениот рок. Документацијата на НСВ се наоѓа во пломбираната просторија и претставник на НСВ, во договорено време, ќе може да ја подигне документацијата, велат од ЈСП.

Според нив, на НСВ, како и на другите два синдикати кои функционираат во рамките на ЈСП Скопје, уште во мај годинава им било најавено дека поради потреба од простории за работа и непречено функционирање на претпријатието, побарано е истите да ги напуштат.

Но, и покрај постигнат договор на одржан состанок, НСВ не ја ослободи работната просторија, која патем претежно ја користеше за приватни цели. Имајќи во предвид дека договорениот рок од 3 месеци за напуштање на просториите не беше испочитуван, се поведе постапка со опомена и даден рок од 5 дена за напуштање на предметните простории, кои инаку се сопственост на ЈСП Скопје. Но, од НСВ останаа глуви и на овој рок, па така, вчера (8.10.2018 година), се спроведе испразнување на просториите кое се реализираше преку наменски формирана комисија, која направи записник за испразнување на просторијата од луѓе и ствари. На истиот ден, најбројниот репрезентативен синдикат на ССН при ЈСП Скопје, кој брои преку 800 членови, ја испразни својата работна просторија и истата ја предаде на работодавецот. Сакаме да напоменеме дека согласно Законот за работни односи и колективниот договор на ЈСП Скопје, чиј еден од потписниците е и НСВ, децидно стои дека работни простории, работодавецот е должен да обезбеди само на најбројниот, репрезентативен синдикат. Но, и во овој случај, привремено, ЈСП нема да обезбеди простории за најбројниот синдикат, поради недостиг од истите, а нужна потреба од работен простор за администрацијата, велат од ЈСП.

Тие ги демантираат и наводите на претседателот на НСВ дека „поради кревање глас“ тој е прераспределен на пониско работно место, а секретарот добил неоснован отказ од работа, како апсолутно неточни.

Децидно ги отфрламе обвинувањата дека раководството на претпријатието се меша во синдикалното работење на било кој од трите синдикати. Во случајов, претседателот е распределен на друго работно место (не му е намален бод, ја добива истата плата), а секретарот доби отказ заради тешка повреда на работна дисциплина. Сметаме дека НСВ на ЈСП Скопје презема активности кои не се во негови ингеренции и не спаѓаат во надлежност на било која организација. Очигледно, поради овие причини, во последните три месеци исписници од овој синдикат зеле преку 100 членови.Сакаме да укажеме дека токму НСВ изманипулира дел од своите членови, односно ги поттикна да поднесат тужби до ЈСП за исплата на регрес за претходните 3 години. Истите беа изгубени и сега тужителите треба да платат трошоци од преку 40.000 денари, за што независниот синдикат се оградува. Овој синдикат ги поттикна инвалидите на трудот, исто нивни членови, да поднесуваат тужби за права кои согласно закон и колективен договор на ЈСП не им следуваат. Истите ги изгубија споровите. Како доказ дека раководството на ЈСП Скопје се грижи за своите вработени и ги почитува нивните права е исплатата на јубилејни награди на вработени, за првпат од постоењето на претпријатието. За првпат почна да се исплаќа помош на вработени по основ на елементарни непогодни, првпат после 10 год плата се исплаќа помеѓу 3-ти и 5-ти во месецот, се даваат надоместоци за подолготрајно боледување…, велат од претпријатието.