„Ју тјуб“ ги крши правата на децата

Коалицијата во која се наоѓаат повеќе од 20 организации посветени на заштитата на здравјето на децата, приватноста и правата на потрошувачите побара од американската регулаторна агенција „Федерал трејд комишн“ да спроведе истрага дали „Ју тјуб“ го има прекршено сојузниот закон на Америка за заштита на децата на интернет.

Одредбите на овој закон се однесуваат на операторите на веб-страниците за да добијат согласност од родителите при собирање лични податоци за деца помлади од 13 години. Се однесува на веб-страниците за кои знаат дека собираат и чуваат лични информации за децата, дури и ако тоа го прават без намера.

Претставките упатени до регулаторот обвинуваат дека значителен дел од популарната содржина на „Ју тјуб“, наменета за деца, незаконски собира лични информации од децата како што е IP-адреса, геолокација и софтверски алатки за следење на движењето на корисниците низ веб-страниците. Потоа „Гугл“, сопственикот на „Ју тјуб“, им ги продава информациите на маркетиншките компании.

„Ју тјуб“ неодамна беше обвинет за фактот дека некои креатори на содржините ги наведуваат децата кон вознемирувачки видеоснимки, вклучувајќи ги и оние што прикажуваат злоупотреба на деца. Коалицијата во обвинението тврди дека повеќето деца не го гледаат „Јутјуб кидс“, дел од „Ју тјуб“ наменет за деца, туку истата содржина како и возрасните, а од „Јутјуб“ за тоа се свесни.

Во условите за користење на „Ју тјуб“ е наведено дека децата помлади од 13 години не треба да го користат овој сервис, па затоа од „Гугл“ на обвинувањата би можеле да одговорат дека децата гледаат „Јутјуб“ во придружба со родителите, со имплицитна дозвола.

Рекламите насочени кон децата можат да донесат огромни приходи. На пример, во обвинението е наведен каналот „Тојс ревју“ – станува збор за рецензии за играчки од шестгодишно момче. Минатата година тој оствари приход од 11 милиони долари.