Јунајтед ремизираше со Челзи, Арсенал потона кај Лестер, Сити пак на врвот

Во последниот неделен натпревар од 36-то коло на англиското фудбалско првенство Манчестер Јунајтед и Челзи во директниот дуел на екипите кои се борат за четвртото место и пласман во Лигата на шампионите следната сезона на „Олд Трафорд“ ремизираа 1:1 (1:1).

Поведе Јунајтед со голот на Хуан Мата во 11 минута по одлична акција, а израмни во 43 минута Маркос Алонсо искористувајќи ја многу слабата реакција на гостинскиот голман Де Хеа.

Челзи со овој резултат го зачува четвртото место со 68 бодови, додека Манчестер Јунајтед е шести со 65 бодови. Меѓу нив е Арсенал, кој има 66 бодови, а трет е Тотенхем со 70 бодови.

Арсенал претходно пропушти можност да му се приближи на Тотенхем а да го мине Челзи, бидејќи беше убедливо со 0:3 поразен на гостувањето кај Лестер. Мало оправдување за слабата игра на „Топчиите“ е што од 36 минута играа со играч помалку откако втор жолт картон му беше покажан на Ејнсли Мајтленд-Нилс. Лестер го скрши отпорот на лондонците со головите на 21-годишниот блегиски халф Јури Тиелеманс во 59, а потоа клупскиот голгетер Џејми Варди беше двоен стрелец во 86 и петтата минута од судиското продолжение. Лестер со трите бода собра вкупно 51 и сега е на осмата позиција на табелата.

Манчестер Сити се врати на врвот на табелата со победата од 1:0 на гостувањето кај Барнли. Стрелец на победничкиот гол беше Серхио Агуеро во 63 минута. Ова е негов 20-ти првенствен погодок сезонава со што се израмни на второто место на листата на стрелците со напаѓачот на Ливерпул, Садио Мане, додека на чело на голгетерите е уште еден напаѓач на „Редси-те“, Махамед Салах со 21 гол.

Две кола пред крајот Сити е прв со 92 бода, еден повеќе од вторпласираниот Ливепрул, а Барнли е 15-ти со 40 бодови. Манчестер Сити на 6-ти мај ќе му биде домаќин на Лестер, а Ливерпул два дена порано гостува кај Њукасл. Во последното коло на 12-ти мај Сити гостува кај Брајтон, а Ливерпул ќе го пречека Вулверхемтон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.