Јункер е многу загрижен поради трговскaта војна меѓу САД и Кина

Претседателот на Европската комисиија, Жан-Клод Јункер, во четвртокот рече дека е многу загрижен поради ескалацијата на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг.

„Морам да кажам дека сум многу загрижен поради развојот на настаните, бидејќи првата последица ќе биде запавувањето на светскиот економски раст. Тоа не е добро за трговијата, за економијата, општествениот развој на континентов и на други места“, изјави Јункер на прес-конференцијата во Брдо крај Крањ каде учествува на средбата на иницијативата Три мориња.

Шефот на Европската комисија притоа предупредува и дека оваа американско-кинеска трговска војна не може да заврши добро, доколку „ови двајца играчи“ не се договорат.

Претходно во четвртокот американскиот претседател Доналд Трамп повторно ѝ се закани на Кина со воведување нови царини на кинеските производи во износ од „најмалку“ 300 милијарди долари. Но додаде дека мисли дека Кина сака да постигне договор, а оти Мексико сака договор по секоја цена.

Тензиите меѓу двете најголеми светски економии остро се зголемија по прекинот на преговорите во трговската војна која се разгоре на почетокот од мај. Иако Трамп во четвртокот рече дека преговорите со Кина и натаму траат, дирекните состаноци меѓу претставници на двете земји немаше од 10-ти мај, откако Вашингтон ги зголеми царините на 25 отсто за кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари, што предизвика одмазнички мерки од Пекинг.