План на Јункер: Нова операција на Фронтекс на границата на Македонија со Грција

Нова операција на Фронтекс на границата на Македонија со Грција, предвидува планот од 16 точки на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предвиден за усвојување на денешниот мини-Самит во Брисел.

Како што информира МИА, не сите шефови на држави и влади на земјите-членки на ЕУ плус Македонија и Србија се согласуваат со планот  на Јункер.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, три параграфи од 13-тата точка на овој план на Јункер, а поврзани со менаџирање на границите, се директно поврзани со Македонија и предвидуваат: поддршка на посветеноста на УНХЦР да стави посебен акцент на границата меѓу Грција и Македонија, очекување од итна имплементација на билатералните мерки за градење доверба поврзани со границата меѓу Грција и Македонија и поставување на нова операција на Фронтекс на надворешната земјена граница на Грција со Македонија и со Албанија, со фокус на проверките за излез, но исти така и на регистрацијата на бегалците и мигрантите што не биле регистрирани во Грција.

На Самитот кој официјално започнува во 16 часот, а работните тимови веќе “ги пеглаат разликите” околу точките во планот на Јункер, она што е познато е дека Република Македонија ќе ја претставува претседателот Ѓорге Иванов. Но, нашата земја не е единствена на овој висок состанок наречен мини-Самит во Брисел, на кој не е претставена на премиерско ниво. Па, така, Холандија е претставена од министерот за интеграција Клаас Дејкхоф, Луксембург од министерот за надворешни работи Жан Аселборн, додека Романија, како и Македонија, е претставена од претседателот Клаус Јоханис.

На овој мини самит присуствуваат Ангела Меркел (Германија), Бојко Борисов (Бугарија), Алексис Ципрас (Грација), Зоран Милановиќ (Хрватска), Виктор Орбан (Унгарија), Вермер Фајман (Австрија), Миро Церар (Словенија), Еди Рама (Албанија) и Александар Вучиќ (Србија), како и  триото челници на Европскиот парламент, Европската комисија и Европскиот совет: Мартин Шулц, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.

Тука се и Антонио Гутиерез, кој е Висок претставник за бегалци на УНХЦР, Фабрис Легери (Фронтекс) и Роберт Визер (Европска канцеларија за поддршка на азил – ЕАСО).

Што предвидува планот на Јункер?

Што предвидува планот на Јункер?
Што предвидува планот на Јункер?

Инаку, драфт-предлогот на челникот на Еврокомисијата кој е на маса, а кој го поседува МИА, во својата преамбула наведува дека “овој досега невиден проток на бегалци и мигранти долж западно-балканската рута е предизвик што не може да се реши преку национални акции”.

Само определен, колективен прекуграничен пристап, базиран на прагматична соработка меѓу националните, регионалните и локалните власти може да даде успех. Ова е единствен начин да се врати стабилноста во управувањето со миграцијата во регионот и во успорувањето на протокот. Земјите погодени од оваа криза не треба само да говорат и разговараат за тоа една со друга. Соседите треба да работат заедно, а не едни против други, се вели исто така во преамбулата на драфт-заклучоците.

Понатаму, се цели дека бегалците треба да се третираат на хуман начин по должината на зпадно-балканската рута за да се избегне хуманитарна трагедија во Европа и дека мигрантите што немаат потреба од меѓународна заштита треба брзо да бидат вратени во нивните земји на потекло. Во тој дел се смета дека сите земји имаат одговорност и обврска под Женевската конвенција и земјите-членки на ЕУ мора целосно да го почитуваат правото на Унијата и дека овие обврски мора да се почитуваат.

Во конкретните заклучоци, посочувајќи дека Европската комисија, Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Фронтекс и Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО) уште од утре (понеделник) ќе ги поддржат лидерите во брзото спроведување, се споменуваат следните оперативни мерки:

Постојана размена на информации

  1. Лидерите се заложуваат да определат личности за контакт во нивните приватни канцеларии за да ја олеснат размената на информации и координацијата и истите треба да бидат номинирани за 24 часа со цел да се овозможи итен почеток на дневна размена и координација за да се постигне постепено и контролирано движење на лица долж западно-балканската рута.
  2. Лидерите ќе соработуваат со Европската комисија за да се интензивира поддршката од ЕУ, користејќи ги сите расположиви алатки, врз основа на заеднички потреби за оценка кои би се покренале за 24 часа. Непосредните ефекти мора да се фокусираат за обезбедување на привремено засолниште и поддршка за сите што пристигнуваат.

Поддршка на бегалците и обезбедување на засолниште

  1. Лидерите се обрзуваат за зголемување на капацитетот на своите држави во обезбедувањето на привремено засолниште, храна, здравствени услуги, вода и санитетски услуги на сите што имаат потреба. Ако тоа не успее, треба да се обврзат дека ќе го покренат Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
  2. Лидерите се обврзуваат на итна размена на информации за овие капацитети и да обезбедат нивна оптимална колективна употреба.
  3. Лидерите ќе работат заедно со УНХЦР, која пак се обврзува на поддршка на нивните напори во олеснувањето на оваа размена на информации и во подобрувањето на ефективната колективна употреба на капацитетите. Тие од УНХЦР бараат посилна поддршка во случајот со капацитетите за прием и во обезбедување на хуманитарна поддршка.
  4. Лидерите ќе се вклучат во непосредни оперативни контакти со Меѓународните финансиски институции како Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и со Развојната банка на Советот на Европа кои се подготвени финансиски да ги поддржат овие напори. Тие се обврзуваат за аранжман со овие Меѓународни финансиски институции и да делуваат на координиран начин.

Заедничко менаџирање на миграцискиот проток

  1. Лидерите ќе обезбедат целосен капацитет за регистрација на пристигнатите со максимално користење на биометриски податоци. Ова е витално на местото на прв влез на мигрантите во ЕУ. Регистрацијата не ја заменува обврската на една земја-членка од задолжителна регистрација во согласност со заеднички правила на Европскиот систем за азил.
  2. Лидерите итно ќе разменат информации за големината на протокот преку нивните земји и барањата на сите пристигнати бегалци и мигранти на нивната територија.
  3. Лидерите ќе работат заедно со ЕУ-агенциите, псоебно со Фронтекст и ЕАСО за брзо воспоставување на ваквата размена на информации, а овие ЕУ-агенции ќе обезбедат техничка помош во овој потфат.
  4. Лидерите се обврзуваат да ги засилат своите национални и колективни координирани напори за враќање на мигрантите што немаат потреба од меѓународна заштита. Техничката помош ќе биде обезбедена од Фронтекс.
  5. Лидерите ќе работат со Еврокомисијата и со Фронтекс да интензивираат практична соработка за реадмисија со третите земји како дел од имплементацијата на Акцискиот план за враќање на ЕУ. Соработката ќе биде интензивирана со Авганистан, посебно во областа за враќањето.

Повторно преместување

  1. Лидерите се обврзуваат да се воздржат од олеснување на движењето на бегалците или мигрантите до границата на друга земја во регионот без договор со таа земја. Политиката на пренасочување на бегалците во соседната земја е неприфатлива.

Менаџирање на границите

  1. Лидерите се обврзуваат најитно да ги зголемат напорите во менаџирањето на сопствените граници и да ја зголемат координацијата на своите акции поврзани со менаџирањето на границите. Тоа ќе вклучува:

– Поддршка на целосната имплементација на Акцискиот план на ЕУ со Турција;

– Надградување на заедничката поморска операција

– „Посејдон” во Грција, посебно присуство на Фронтекс во Егејското Море и значително засилување на поддршката на Фронтекс на Грција во регистрирањето на бегалците и активностите околу земањето на отпечатоци;

– Поддршка на посветеноста на УНХЦР да стави посебен акцент на границата меѓу Грција и БЈР Македонија;

– Се очекува итна имплементација на билатералните мерки за градење доверба поврзани со границата меѓу Грција и БЈР Македонија;

– Поставување на нова операција на Фронтекс на надворешната земјена граница на Грција со БЈР Македонија и со Албанија, со фокус на проверките за излез, но исто така и на регистрацијата на бегалците и мигрантите што не биле регистрирани во Грција;

– Имплементирање на нова поддршка од Фронтекс во детектирањето на нелегални преминувања пркеу граница и поддршка на регистрацијата и земањето на отпечатоци од прсти во Хрватска;

– Имплементирање до среда на 400 чувари на граница и есенцијална опрема преку активирање од страна на Словенија на Механизмот за тим за гранична интервенција;

  1. Лидерите го потврдуваат принципот дека земјата може да одбие влез на лица од трети земји, кога тие ќе пристигнат на прекуграничниот премин, а ако не поднесат барање за меѓународна заштита.

Справување со шверцот

  1. Лидерите се обврзуваат да се засилат акциите против шверцувањето на мигранти и ги повикуваат Европол и Интерпол да ја поддржат западно-балканската рута со поширока операција за борба против шверцувањето на луѓе.

Мониторирање

  1. Лидерите се договорија имплементацијата на овие обврски да биде мониторирана на неделна база.