Јуве ја продолжи агонијата на Рома, нови неуспеси на миланските клубови

Актуелниот фудбалски шампион на Италија, торински Јувентус пред своите навивачи го доби дерби дуелот на 17-то коло на Серија А против Рома со 1:0, остварувајќи ја 16-та победа сезонава.

Единствениот гол кој му донесе нови три бода на Јувентус, го постигна Марио Манџукиќ во 35 минута, откако одлично реагираше на нафрлувањето од десната страна од Де Скиља, и на втората статива се уфрли пред својот чувар и со глава го совлада гостинскиот голман. Јуве кој имаше повеќе од десет удари во рамките на противничкиот гол и десетина корнери, постигна уште еден погодок во судиското продолжение, кога стрелец беше Даглас Коста на нафрлување од Кристијано Роналдо. Сепак голот беше поништен по прегледување на снимката поради прекршок од Коста.

Јувентус со победата ја задржа предноста од осум бодови пред второпласираниот Наполи. Трет е Интер кој зад лидерот заостанува дури 16 бодови, а четврти е Лацио кој има 21 бод помалку. Рома го забележа петтиот првенствен пораз и со само една победа повеќе и исто шест ремија собра 24 бодови, со кои е на 10-то место, четири позиции и два бода помалку од првите места кои водат во фудбалска Европа.

Фудбалерите на Интер претходно освоија само бод на гостувањето кај последното Киево, одигрувајќи само 1:1. „Нераѕурите“ водеа од 39 минута со голот на Иван Перишиќ, но „Летачките магариња“ од Верона во вториот дел одиграа многу поборбено и во првата минута од судиското продолжение израмнија преку 39-годишниот ветеран Серџо Пелисиер. Киево, коешто првенството го започна со минус три бода казна поради сомнителни трансфери, сѐ уште нема победа, а успеа да одигра нерешено осум пати и сега има само пет бода.

Фиорентина славеше со 1:0 на гостувањето кај Милано, а голот го постигна Киеза во 73 минута. Со втората последователна победа Фиорентина привремено се проби на 7-то место со 25 бодови, а Милан остана на 5-то со 27 бодови.

Со скромни 1:0 Наполи пред своите навивачи го совлада слабиот СПАЛ, а стрелец беше Албиол во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме. СПАЛ е 16-ти со исто толку бодови.

Во првиот меч од 17-то коло Лацио го совлада Калјари со 3:1 (2:0). Римскиот тим поведе со 3:0, со головите на Милинковиќ-Савиќ во 11, Ачерби во 23 и Лулиќ во 67 минута, а во третата минута од судиското продолжение од пенал Жоао Педро го ублажи поразот на Калјари кој остана на 14-то место со 17 бодови.

Парма и Болоња одиграа без голови, па домашните дојдоа до 22 бода и се 12-ти на табелата, а Болоња освои важен гостински бод во борбата за опстанок и е уште во зоната на испаѓање, 18-та е сега со 13 бодови, еден помалку од 17-то Удинезе кое играше дома 1:1 со Фросинене. Стрелци во Удине беа Мандарагора во 31 за домашните, а израмни Киано од пенал во 61 минута и овој бод на Фросиноне има вкупно само 9 и е на претпоследното 19-то место.

Сасуоло успеа да израмни пред своите гледачи во втората минута од судиското продолжение преку Брињола, против Торино кое водеше од 55 минута со погодокот на Белоти. Саусоло е осмо со 25 бодови, а Торино е на 11-то место со 23 бодови.

Џенова со 3:1 беше подобра од Аталанта. Домашните поведоа со автоголот на Толои во шестата мунута од судиското продолжение, а од пенал гостите израмнија во 55 минута преку Запата. Џенова потоа со погодоците на Лазовиќ во 67 и Пјатек во 88 минута дојде до трите бода, или вкупно 19 со кои е на 13-то место на табелата. Аталанта, пак, падна на деветтата позиција со 24 бодови.

Во најефикасниот дуел од саботната програма во Серија А, Сампдорија на гости со 4:2 го победи Емполи. Домашните поведоа од белата точка во 11 минута со реализацијата на Пасквал, а потоа Капуто во 75 минута успеа да го израмни пресвртот на гостите кои поведоа со головите на Рамирез во 41 и Кваљареала во 69 минута, но потоа дојдоа до победата со погодоците во финишот на Капрари во 87 и во првата минута од судиското продолжение. Емполи моментално е на 15-то место со 16 бодови, додека Сампдорија собра 26 и е на високото шесто место.