Јувентус ја наполни мрежата на Удинезе

Во средбата од 9-то коло од италијанското фудбалско првенство актуелниот шампион Јувентус во Удине со 6:2 го совлада Удинезе, додека Милан дома ремизираше без голови со слабата Џенова.

Јувентус до високата победа дојде и покрај тоа што веќе во 26 минута беше исклучен хрватскиот репрезентативец Марио Манџукиќ, но торинската „стара дама“ и со играч помалку постигна четири голови.

Домаќините поведоа веќе во 8 минута, преку соло акцијата на хрватскиот интернационалец Стипе Перица. Јуве брзо возврати, откако во 14 минута Саир си постигна автогол. Во 20 минута гостите направија целосен пресврт, кога Квадрадо нафрли а Само Кедира со глава погоди за 2:1. Во 26 минута Јувентус остана без играч, откако Манџукиќ доби жолт картон поради кошкање со играчот на домашните Аднан, а потоа продолжи да приговара, по што судијата Даниеле Довери му го покажа и вториот жолт картон и патот кон соблекувалната.

Удинезе со играч повеќе успеа да изедначи во 47 минута преку Данило, но потоа Јувентус возврати со два брзи погодока во 52 минута Даниеле Ругери погоди за 3:2, а во 59 минута Кедира го постигна својот втор гол на мечот. До крајот на натпреварот Кедира постигна уште еден гол, во 87 минута, а Миралем Пјаниќ во 90 минута го постигна конечниот резултат.

Италијанскиот фудбалски гигант Милан, пак, оствари уште еден лош резултат во низа, откако одигра само 0:0 против слабата Џенова. Милан од 25 минута играше со играч помалку, кога Леонардо Бонучи беше директно исклучен поради удирање на противнички играч. Бонучи во казнениот простор на Џенова со лакотот го удри гостинскиот бел Роси, а судијата Џакомели по прегледувањето на снимката одлучи да го исклучи италијанскиот репрезентативец.

Милан тоне на табелата и сега е 11-ти со 13 бодови, а Џенова е 16-та со 6 бодови.

Фиорентина како гостин со 3:0 го совлада последниот на првенствената табела Бенвенто. Погодоците за „виолите“ ги постигнаа Бенаси во 18, Бабакар во 47 и Тереу во 66 минута од пенал. Фиорентина сега е 9-та со 13 бодови, додека Бенвенето и натаму нема освоени ниту еден бод.

Рома стаса до 11-та последователна првенствена победа на гости совладувајќи го Торино со 1:0 (0:0), а единствениот гол го постигна Коларов во 69 минута од извонредно изведениот слободен удар. Рома е 5-та со 18 бодови, додека Торино е 10-ти со 13 бодови.

Во првиот натпревар од неделната програма Киево во градското дерби ја совлада Верона со 3:2 (2:1). Формално гостите во овој дуел, играчите на Верона, поведоа во 6 минута преку Верде, но следеше целосен пресврт за кој заслужен беше Ронерто Инглезе, кој беше прецизен во 23 и во 30 минута од пенал. Верона од 40 минута играше со играч помалку, бидејќи Аргентинецот Зукулини, поради невнимателен старт го заработи вториот жолт картон. И на овој меч судијата Абисо го искористи правото на видео проверка, па по прегледување на снимката досуди пенал за Верона, пореди играњето со рака на Гамберини, а казнениот удар во 55 минута го реализираше Пацини. Сепак, одбраната на Верона не издржа до крајот, и во 73 година сам во нивниот шеснаесетник го оставија искусниот 38-годишен Серџо Пелисиер, кој ги постигна победничкиот гол за Киево.

Киево е на 7-та позиција со 15 бодови, а Верона е во зоната за испаѓање од лигата, на 17-то место со само 6 бодови.

Аталанта ја совлада Болоња со голот на Корнелиус во 71 минута, а Саусуало со голот на Политано во првата минута од мечот ги однесе трите бода од гостувањето кај дебитантот во Серија А, екипата на СПАЛ.

Аталанта е на 12-то место со исто толку бодови, Болоња е 8-ма со 14 бодови, Сасуеоло има 8 бодови на 13-та позиција, додека СПАЛ е претпоследен 19-ти со бодови.

На табелата води Наполи со 2 бодови, Интер е втор со 23 бодови, а Јувентус е трет со 22 бода.