Јувентус лесно во четвртфиналето на купот

Фудбалерите на Јувентус се пласираа во четвртфиналето од италијанскиот куп во кој ја бранат титулата, по победата од 2:0 (1:0) кај Болоња.

Актуелниот сопственик на „двојната круна“ во италијанскиот фудбал без особени тешкотии го мина осминафиналето со по еден на почетокот од двете полувремиња. Стрелци за торинската „Стара дама“, чии најголеми ѕвезди во игра влегоа во последните петнаесетина минути, против оваа сезона слабата Болоња беа Бернадески во 9 и Кин во 49 минута. Јувентус така во четвртффиналето ќе игра против подобриот од дуелот Калјари – Аталанта кој на програмата е во понеделник.

Претходно во саботата во четвртфиналето се пласира и Лацио и Милан.

Лацио на „Олимпискиот стадион“ во Рим беше убедлив со 4:1 против третолигашот Новара. Головите за Лацио ги постигнаа Луис Алберто во 12, Чиро Имобиле во 20 и 35 и Милинковиќ-Савиќ во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, за во продолжението гостите да го ублажат поразот преку Еусепи во 49 минута од пенал.

Лацио во четвртфиналето ќе се сретне со победникот од мечот Интер – Беневенто кој се игра во недела.

Милан како гостин во Џенова ја совлада Сампдорија со 2:0, по продолженијата. Херој на миланските „црвено-црни“ беше младиот Патрик Кутрони, кој ги постигна двата погодока, во 102 и 108 минута.

Милан во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од натпреварот Наполи – Сасуоало кој, исто така, се игра во недела.

Во недела играат уште Торино – Фиорентина, а во понеделник Рома ја пречекува екипата на Виртус Ентела.