Јувентус се договори со Јунајтед за дефанзивец

Јувентус во практика има нов играч. Во првите денови од следнава недела се очекува официјално на „Старата дама” да и се приклучи дефанзивецот Матео Дармиан, кој во моментов го носи дресот на Манчестер Јунајтед.

Според весникот „Газета дело Спорт”, двата клуба веќе постигнале договор. Играчот од одбраната ќе отиде кај „бјанконерите” на позајмица до крајот на сезоната, со опција за конечен откуп во текот на летото.

За услугите на Дармиан до крајот на јуни, „црно-белите” ќе треба да им исплатат 3 милиони евра на „црвените ѓаволи”. Ако тие се одлучат да го ангажираат за постојано, тогаш ќе треба да доплатат уште 8 милиони евра. Играчот се очекува во понеделник да замине на лекарски прегледи. Интерес кон Дармиан имаше и од Наполи и Интер, но клубовите не успеаа да се договорат со Јунајтед, за разлика од Јуве.