Јужнокорејскиот претседател до северните соседи: Да го отфрлиме непријателството – да се обединиме!

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин одржа говор во севернокорејскиот главен град Пјонгјанг и им се обрати на илјадници севернокорејци со повик за ставање на крај на 70-годишното непријателство. Тој ги повика своите северни соседи да изградат иднина на мир и просперитет.

Живеевме заедно 5 илјади години, а одвоено 70 години. Сега, предлагам целосно да го отфрлиме непријателството од изминатите седум децении и да направиме голем чекор кон мирот, за повторно да станеме едно“, порача Мун.

Мун и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, заедно со сопругите, во текот на вчерашниот ден присуствуваа на масовните игри „Славна земја“ на стадионот во Пјонгјанг, гледајќи го настапот на илјадници изведувачи. Овие игри привлекле околу 150 илјади гледачи.

Ким Јонг Ун изрази желба за брзо завршување на денуклеаризацијата и предложи фокусирање на економскиот развој, изјави Мун на прес-конференцијата во Сеул после враќањето од Пјонгјанг.

Како што открива Мун, Ким изразил надеж дека американскиот државен секретар Мајк Помпео наскоро ќе ја посети Северна Кореја и дека „во блиска иднина повторно ќе се сретне со Трамп за да се забрза процесот на денуклеаризација“. Јужнокорејскиот претседател порача дека личната порака на Ким во врска со нуклеарното прашње ќе му ја пренесе на Трамп со кого ќе се сретне идната недела.

Јужнокорејскиот лидер исто така најави дека со Доналд Трамп ќе разговара и за целта која што ја има со Ким Јонг Ун, односно прогласување на крај на Корејската војна до крајот на оваа година, пренесува новинската агенција „АП“.

Мун Џае Ин и Ким Јонг Ун го посетија и кратерот на врвот на вулканот кој што се смета за свето место во Северна Кореја. Двајцата лидери се фатија за раце и ги подигнаа во воздух, изразувајќи надеж дека односите помеѓу двете земји ќе се подобрат до таа мера, што и јужнокорејците ќе можат да го посетуваат вулканот.