Кај Гевгелија откриени 142 мигранти во камион ладилник

Во тешко товарно возило со ладилник, граничната полиција откри 142 мигранти кои илегално ја преминале македонско-грчката граница со надеж дека ќе бидат транспортирани до српската граница. Возачот на камионот со бугарски регистарски ознаки, а приколката ладилник со гевгелиски таблички, избегал од местото на настанот, но од граничната полиција велат дека неговиот идентитет им е познат. На речиси истата локација пред десетина дена беше откриена група од околу 113 мигранти во камион со косовски регистарски ознаки.

Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска информираше дека во последниве девет дена откриени се 878 илегални преминувања од кои 680 на граничниот премин Богродица. Таа рече дека рутата за илегални преминувања се поместува кон струмичкиот регион, па затоа се засилени контролите и во овој дел на државата и дека расте ризикот од зголемен број мигранти по најавата дека европските држави ги отвораат границите.

 

 

,,Полициските службеници ги следаат начините на нивно дејствување и рутите меѓутоа и начините на кои се организираат групите. Секако дека отворањето на границите на европските држави го зголемува ризикот од зголемен број  обиди за илегални преминувања, но паралелно ние ја зголемуваме екипираноста и позиционираноста на нашите тимови долж јужната граница“, рече дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.

Дека рутата за транзит на мигрантите од гевгелиско и од автопатот Пријателство се поместува кон струмичко, зборува и статистиката на МВР. За последниве 4 дена во струмичко во три одделни случаи се откриени 50-тина мигранти претежно од Пакистан, Бангладеш и Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.