Кај руска пациентка откриени 18 мутации на коронавирусот

Руските научници опишале случај на пациентка во чиј организам новиот коронавирус SARS-CoV-2 добил дури 18 нови мутации, пишува во вторникот дневниот весник Известия, повикувајќи се на документ од истражувањето.

Во извештајот се истакнувало дека промените на вурусот се откриени кај 47-годишна пациентка со лимфом од четвртиот стадиум. Таа се заразила со коронавирусот во април 2020 година, редовно била тестирана на Covid-19 а нејзините резултати биле позитивни сѐ до 9-то септември минатата година.

Како оригинална верзија на вирусот, научниците го земале геномот на коронавирусот од брисот на пациентката, од кој веројатно се заразила жената. Откако ги споредиле материјалите, стручњаците заклучиле дека вирусот се здобил со 18 нови мутации во нејзиното тело, вклучително и две во генот на S-протенинот, идентични на оние кои претходно беа откриени на фармите за куни и видри во Данска.

Професорот од Катедрата за геномика и бионформатика при Сибирскиот федерален универзитет, Константин Крутовски, истакнал дека мутациите делумно се совпаѓаат со оние кои претходно биле забележани во текот на еволуирањето на вирусот кај други пациенти со намален или потиснат имунитет, како и со оние мутации кои се појавиле во сојот на коронавирусот кој кон крајот на минатата година се појави во Велика Британија.

„Меѓутоа, токму во овој руски труд првпат беше убедливо покажано дека стекнувањето голем број мутации е резултат на долгото престојување на SARS-CoV-2 во еден организам“, истканал цитираниот експерт.

Истовремено Крутовски нагласил дека сепак е прерано да се извлечат некакви заклучоци за ширење на нов „руски“ сој на коронавирусот, бидејќи во студијата е опишан само еден случај.

Кон средината на ланскиот декември здравствените стручњаци и власти во Велика Британија потврдија дека во Лондон и југозападна Англија е откриен сосема нов сој на коронавирусот. Според првичните сознанија, тој е за 50 до 70 отсто позаразен од „оригиналната“ варијанта на SARS-CoV-2, но не влијае врз влошувањето на текот на болеста Covid-19 и на зголемувањето на смртноста.

Речиси истовремено со Британија, и министерството за здравство на Јужноафриканската Република објави дека тамошните генетичари идентификувале нова мутација во посебен сој на коронавирусот кој е означен како 501.V2. Во јануари годинава, пак, и бразилските лекари соопштија за нов сој, а во неделата Јапонија објави дека е откриен нов сој на коронавирусот SARS-CoV-2 кој бил идентификуван кај четворица патници од бразилската сојузна држава Амазонас.

Коментирајќи ги за агенцијата РИА ваквите информации за нови соеви на вирусот, Алсександр Гинцбург, директорот на московсиот научен институт „Гамалеја“ каде беше развиена руската вакцина „Спутник V“, изјавил дека е многу веројатно дека „уникатни“ соеви на коронавирусот ќе бидат пријавени и во Русија и во други земји.