Кабинет на Претседателот: ДКСК да ги провери наводите за судир на интереси на Муслиу

60

Кабинетот на Претседателот на Македонија, денеска по обвинувањата изнесени од страна на  ВМРО-ДПМНЕ за наводен судир на интереси од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, бара Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да ги провери наводите. Од Кабинетот укажуваат и на политичка одговорност од, како што потенцираат, објавување непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби на државата.

-Во однос на прес-конференцијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во која се посочува на наводен судир на интерес од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу во однос на кадровски решенија во АР – Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија ја повикува Државната комисија за спречување на корупција истите да ги провери веднаш, се вели во реакцијата.

Воедно, додаваат од Кабинетот на Претседателот, „укажуваме на политичка одговорност од објавување на евентуално непроверени и шпекулативни информации кои можат да го нарушат угледот на безбедносните служби на Република Северна Македонија особено во период кога земјите сојузници од НАТО ја спроведуваат постапката за ратификација на Протоколот за членство“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.