Кабинетот на Анѓушев ја потврди средбата со претставници на „Фени“ и „Усје“

Претставници од Кабинетот на Заменикот на претседателот на Владата на Р.Македонија задолжен за економски прашања одржаа работен состанок со претставници од компаниите „Фени индустри“ и „Усје“ и притоа на средбата е разговаравно за состојби и предизвици со кои се соочуваат компаниите од овие индустрии, одговорија на прашањето на НетПрес од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев

Во кусиот одговор, се наведува уште дека станува збор за „една од низата на средби со компании што се одржуваат од страна на вработените во Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Р.Македонија“.

Според сознанијата до коишто дојде НетПрес, а што конкретно не е содржано во одговорот до редакцијата, Владата е расположена да дозволи увоз на нафтен кокс без плаќање на акцизни давачки, а на барање на компаниите „Титан Цементарница Усје“ и „Фени Индустри“.

Изворите велат дека деновиве бил одржан сега потврдениот состанок со претставници на „Титан Цементарница Усје“ и на „Фени Индустри“, како и дека по средбата официјално барање до владата поднеле „Фени Индустри“.

Образложението на овие две компании за барањето за укинување на акцизата било дека нафтениот кокс се користел во процесот на производство и затоа не требало да подлежи на акцизни давачки. Тие барале бришење на член од Законот за акцизи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.