Кабинетот на Зеленски вели дека британските тврдење за „проруски“ лидер се сериозни, прозваниот ги нарече неосновани

Тврдењата на Велика Британија дека наводно Русија планира да инсралира проруска влада во Украина треба да бидат сфатени сериозно, а тоа ја покажува потребата од брза реакција на Западот на дејствијата на Москва, изјави во неделата советник во кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски за агенцијата Reuters.

Од Лондон доцна ноќта од саботата кон неделата објавија дека Кремљ наводно ќе се обиде во Украина да го постави украинскиот политичари Евгениј Мураев означен како проруски, без да наведе докази за тоа, ниту за начинот на кој тоа би се постигнало, пишува агенцијaта Reuters.

Москва ги отфрли овие тврдења како повторни „дезинформации“ и „провокативни активности“ од страна на Лондон. Подоцна се појавија информации дека наводно станува збор за веројатни процени на американското разузнавање.

Британските наводи ги отфрли и самиот Мураев, поранешен украински парламентарец кој изјави дека тврдењето на Лондон е неосновано, бидејќи тој веќе три години е под руски санкции, забрането му е да влезе во Русија а имотот на неговиот татко е замрзнат во руските банки, пренесе агенцијата ТАСС.

Советникот во кабинентот на украинскиот преседател Михајло Подолјак во неделата за Reuters изјави дека постојат сомневања меѓу Украинците за Мураев, бидејќи тој е „многу смешна фигура“ за да биде сфатен како водач на марионетска влада во Киев.

Но, како што смета Подолјак, Русија и порано носела споредни личности на важни позиции, како во случај на Крим и Донбас. Затоа „оваа информација треба да биде сфатена најсериозно“ предупредува советникот на украинскиот претседател.

Мураев, пак, во објава на Facebook во неделата повика на крај на поделбите на прозападни и проруски политичари во Украина.

„Поразите на политичарите како Порошенко и Медведчук се јасен доказ. Нивните постапки ѝ нанесоа ненадомесливи загуби на земјата и го поделија народот на Украина“, напиша Мураев алудирајќи на двајцата олигарси, прозападниот Петро Порошенко кој дојде на власт по превратот во Киев во 2014 година и владееше до 2019 година, и на Виктор Медведчук за кој се смета дека е во кумски односи со рускиот претседател Владимир Путин.

Мураев во објавата напиша и дека „на Украина ѝ се потребни нови политичари чијашто политика ќе темели исклучително на принципита на националните интереси на Украина и на украинскиот народ“, како и дека земјата треба „самата да одлучува за својата судбина“.