Кабул ќе ослободи 400 „закоравени“ талибански заробеници

Големото собрание на авганистанските племенски старешини – Лоја Џирга – на своето вонредно заседание во Кабул одобри во неделата ослободување на 400 „закоравени“ талибански заробеници, а до крајот на денот претседателот Ашраф Гани треба да го потпише указот за тоа, со што се создава простор за почеток на мировните преговори со цел да се запре крвавата војна која трае речиси две децении.

„За да се острани пречката, да се овозможи почетокот на мировниот процес и запирање на крвопролевањето, Лоја Џирга одобрува ослободување на 400 талибани“, се наведува во резолуцијата на советот.

„Денеска ќе го потпишам указот за ослободување на 400 заробени талибани“, го цитира телевизијата 1TV претседателот Гани. Во своето обраќање тој ги повика талибаните да го прифатат повикот на учеснциите на собирот на Лога Џирга кон приврзаниците на радикалното движење за воспоставување примирје меѓу талибанските борци и владините сили.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани го свика овој собир во главниот град Кабул, каде што во моментов има околу 3.200 племенски старешини и политичари од авганитанските заедници, во услови на строги безбедносни мерки и загриженост поради пандемијата од коронавирусот, за да ја советуваат владата за тоа дали треба ваквите талибански заробеници да бидат ослободени.

Дискусијата за ослободувањето на последната група талибански заробненици, кои се обвинети за некои од најкрвавите напади ширум Авганистан, предизвика гнев меѓу цивилите и активистите за човекови права, кои ја доведуваат во прашање етичноста на мировниот процес.

Досега авганистанската влада одбиваше да ослободи околу 400 екстремисти, коишто според мислењето на официјален Кабул, покрај тоа што се припадници на радикално движење истовремено се и извршители на сериозни кривични дела, односно масовни убиства и подметнувањата експлозии. На почетокот од седмицава Гани изјави дека владата нема овластувања да решава за судбината на оваа група затвореници, а дека одлуката за тоа мора да ја донесе Лоја Џирга, која го започна своето вонредно собрание на 7-ми август.

Претставниците на радикалното исламистичко движење Талибан инсистираа на ослободување на заробениците, како услов да влезат во мировните преговори со владата во Кабул, што досега го одбиваа а преговараа долго само директно со претставниците на Вашингтон.

Со ослободувањето на заробените талибански борци, авганистанската влада ќе го исполни своето ветување за пуштање на 5.000 талибански заробеници во авганистанските затвори. Западните дипломати сметаат дека разговорите меѓу завојуваните страни ќе започнат следната седмица во Доха. Во катарската престолнина, имено, минатата година се одвиваа десетината кругови од преговорите меѓу талибаните и претствницит на САД, чија главна точка е запирање на талибанските напади врз странските сили во Авганистан, кои треба брзо да бидат повлечени од земјата на минимална бројност.

Со договорот кој беше постигнат на 29-ти февраури со кој се овозможува повлекување на американските сили, Вашингтон и талибаните се согласија како осободување на талибанските заробеници како предуслов за преговорите со Кабул. Од друга страна, тие се обврзаа да ги ослободат околу илјада цивили и припадници на авганистанските безбедносни сили кои ги држат во заложништво.

Според договорот од Доха, САД заедно со своите сојузници и коалицијата предводена од НАТО треба да ги повлечат сите трупи во текота на 14 месеци. Истовремено талибаните гарантираат дека нема да ја користат авганистанската територија за активности кои претставуваат закана за безбедноста на териториите на САД и нивните западни сојузници. Со денешната одлука во Кабул, исто така, се создава можноста пред ноемвриските претседателски избори во САД да се исполни големото ветување на актуелниот републикански претседател Доналд Трамп дека ќе стави крај на 20 годинишната најдолгата војна во историјата во кои се вклучени Соединетите држави.