Македонија

Политички спектакл или реална опасност Кацарска две недели ја чуваат специјалци, МВР истражува кој и се заканува

Кацарска две недели ја чуваат специјалци, МВР истражува кој и се заканува

Полициско обезбедување за судијката Добрила Кацарска е одобрено веќе две недели на барање на Кривичниот суд, потврди денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Имаме обврска за сите носители на јавни функции за кои ќе има барање или постои безбедносен ризик да обезбедиме заштитта на интегритетот и на личноста. Во овој случај врз основа на барање од Судот, а по проценка направена во службата, е доделено физичко обезбедување на судијката Добрила Кацарска, изјави Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за одлуката за обезбедување на судијката Кацарска.

Полицијата, како што посочи, работи на постапка за откривање кој и зошто ги прави заканите, но за тоа ќе информираат кога ќе има повеќе информации.

Според неофицијални информации, обезбедувањето ја следи судијката во секој чекор изминатите неколку дена. Проценката дека на Кацарска е потребна полициска заштита ја донел првиот човек на Кривичен, Иван Џолев по претходни добиени информации и разговори дека постои страв за животот и безбедноста на судијката.

Кацарска го води случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство во кој изрече затворска казна за поранешниот премиер Никола Груевски и за екс помошник министер за внатрешни Ѓоко Поповски. Во овој случај е обвинета и поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска, за која поради ризична бременост беше издвоена постапката.

Извори во МВР велат дека се прави политички спектакл од случајот со Кацарска, бидејќи полициски службеници вообичаено секојдневно се ангажирани за обезбедување на судии и обвинители, но тоа се прави на нетранспарентен начин за да не се привлекува внимание.

Полицајците се ангажираат и при најмали закани на барање на судии и во случаи за кои јавноста нема интерес да ги следи, односно и при помали кривични дела во кои обвинетите, или, пак оштетените се незадоволни од пресудите.