Качински најави реконструкција на полската влада и „реполонизација“ на медиумите

Лидерот на владејачката конзервативна полска партија Право и справедливост (PiS), Јарослав Качински, најави во неделата далекусежни планови за реконструкција на владата „набрзо по летната пауза, како и ревизија на прописите за странска сопственост на полските медиуми.

Актуелниот премиер Матеуш Моравјецки би требало да остана на должноста, изјавил Јарослав Качински во интервју за државното радио, пренесе новинската агенција PAP.

Политичката слика во Полска предизвикува големо внимание особено во Европската унија, па така германската државна новинска агенција DPA, оценува дека потегот на Качински веројатно е поради тесната победа на претседателскиот кандидат Анджеј Дуда, кого го поддржува PiS, на минатонеделните претседателски избори.

Дуда, имено, победи со разлика од околу два процентни поена пред градоначалникот на главниот град Варшава, Рафал Тшасковски, кого го поддржа либералната опозиција.

Качински рекол дека дефинитивно ќе бидат направени промени и дека ќе се однесуваат на областите на министерствата коишто се совпаѓаат. Рекол и дека таквите далекусежни промени нема да се случат само во владата, туку и во самата партија PiS, иако не навлегувал во поединости за поединци и позиции на кои тоа ќе се однесува. Качински не рекол и колку долго ќе остане на чело на партијата или кој би можело да го замени.

Качински истакнал и дека ќе започне процес во ткн „реполонизација“ на медиумите, што значи ограничување на правото на странски државјани на сопственост во полските медиуми.

Имено, во текот на претседателската кампања, конзервативната влада на PiS постојано беше на удар на медимите коишто имаат германски сопственици, оценувајќи дека се пристрасни во известувањата за владините прашања. Исто така, медиумите во странска сопственост беа критикувани и за отворена некритичка поддршка на либерлните политички струи.

Полската владејачка партија одамна предупредува дека медиумите во странска сопсственост, меѓу кои се и оние финансирани од фондацијата на Џорџ Сорос, се мешаат во полската политика, и смета дека медиумите во полска сопственост би требало да имаат посилно влијание, особено кога станува збор за националните интереси.

Обвиненијата беа повторно изнесени во текот на неодмнешната претседатлска кампања, кога конзервативниот претседател Анджеј Дуда, често ги обвинуваше странските или медиумите во странска сопственост за дезинформирање на јавноста во врска со политичките случувања во Полска и намерно погрешни толкување на изјави по некои прашања.