Кадар на СДСМ на чело на „департизираната“ Агенција за национална безбедност

Уште кога надлежните ја образложуваа потребата од создавање на една ваква Агенција, беше посочено дека целта е да се направи една деполитизирана, департизирана Агенција во функција на заштита на државата и нејзините граѓани.

Владата вчера го назначи Виктор Димовски за директор на новата Агенцијата за национална безбедност.

Димовски е кадар на СДСМ, а неговото име се поврзува со повеќе скандали, особено додека тој е началник на полицијата во Битола, од 1992 до 1996 година.
Тогаш за него опозицијата обвинуваше дека токму во тој период во Битола се случиле најголемите скандали поврзани со приватизација, криминал и инциденти.
Имено, Димовски беше извикан за непреземање ништо за да ја спречи и милионската афера ТАТ,  случај во кој настрадаа илјадници штедачи. Исто така, во периодот додека тој е началник на полицијата во Битола, на фудбалски натпревар помеѓу Пелистер и Вардар во 1993 година, полицијата брутално претепа над 100 граѓани.

Од 2007 до 2009-та година, Димовски е прв човек на Агенцијата за разузнавање. Во изминатиот период тој беше и амбасадор во Србија и Црна Гора и во Израел.

Агенција за национална безбедност, ќе функционра како владина агенција и директорот ќе се именува од Владата, на предлог на премиерот, со мандат од пет години и право на уште еден резибор. Нејзините вработени нема да имаат полициски овластувања.

Формирањето на оваа Агенција е дел од процесот на реформирање на безбедно-разузнавачките служби. Идејата е УБК да се извади надвор од МВР, со што би се ставило крај на тајната полиција во земјава и да се направи деконцентрација на моќта во оваа сфера.

Уште кога надлежните ја образложуваа потребата од создавање на една ваква Агенција, беше посочено дека целта е да се направи една деполитизирана, департизирана Агенција во функција на заштита на државата и нејзините граѓани.

Но, неминовно е прашањето за каква деполитизација и департизација станува збор, кога директорот го назначува Владата и тој според „наши“ стандарди, секогаш ќе биде партиски кадар, како што всушност е и случајот со Димовски?

Фокусот на работата на оваа Агенција е контраразузнавање, контратероризмот и заштита на уставното уредување и повисоките форми на организиран криминал, пред сѐ корупцијата на носителите на јавни функции.

 

Во Агенција ќе има трансфер на вработени од УБК, но сепак тие треба да поминат повеќе филтри за да се утврди нивната компетентност за вршење на работните задачи.