Каде оделе австралиските долари уплаќани на фирма од Муртино

Ден Дончев примал австралиски долари преку компанија регистрирана во струмичко Муртино, е еден од насловите во новиот број на неделникот ,,Фокус”

По барање на Обвинителството за организирал криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над три милиона денари по основ на плати од компанијата со основна дејност за интернет-порталите „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, пишува во најавата на новиот бројна ,,Фокус”.

Според потврдени сознанија, Управата за финансиско разузнавање на чело со директорот Блажо Трендафилов го известува надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, кој патем речено и е заменик на Вилма Русковска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил 3.120.006 денари или околу 50 илјади евра од приватната компанија „Ремаркет“. Притоа, УФП утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

Проверките во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде потекнува и Дончев. После формирањето, сопственици на компанијата, биле Ванчо Поцков и Жанко Ристов, а Ристов бил и управител на друштвото.

Меѓутоа, во 2017 година нов управител станува Александар Дацев, додека во 2019 година нов и единствен сопственик станува Ристо Ристов. Во рамки на друштвото, чија основна дејност се „интернет-портали“, функционира и подружница лоцирана во струмичкиот трговски центар „Глобал“, чиј управител, исто така, е Дацев.

Се до лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма. Според бизнис-регистарот на Австралија, постои фирма со оригинален назив „Megantic PTY LTD“, основана во април 2012 година, со седиште во Јужен Мелбурн, главен град на сојузната држава Викторија.

Од интернет-страната на компанијата, како и од нејзиниот линкедин-профил, може да се заклучи дека луѓе од сопственичката и управувачка структура на „Ремаркет“ се дел и од австралиската „Мегантик“, додека двата субјекта, заедно се една испостава во Манчестер, Англија, се дел од една иста бизнис-мрежа.

Во одговорите доставени до Фокус, од компанијата велат дека овие субјекти функционираат на тој начин што австралиската компанија овозможува услуги исклучиво на пазарот во Австралија во доменот на таканаречен Search Engine Optimization (SEO), а притоа македонската компанија се занимава со ангажирање на работна сила за тамошниот пазар.

Во однос на трансакциите од австралиската кон македонската компанија, од таму посочуваат дека тие се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Така, финансиските извештаи што ги извади Фокус, пак, покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени.

Поточно, македонската компанија „Мегантик“,неодамна преименувана „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400 илјади денари.

За споредба, компанијата заклучно со ланската 2019 година остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу милион денари. Па, ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број се повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.