Кадиевска Војновиќ: Двоцифрената инфлација во Македонија се должи на домашните фактори и погрешните политики

Маја Кадиевска Војновиќ, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека за инфлацијата има фактори кои што се увезени и се заеднички за сите држави во светот и во Европа и има фактори кои што се домашни кои придонесуваат за двоцифрената инфлација во Македонија која е највисока од 95-та година навака.

Како ткн „увезени фактори“ ја спомна ковид пандемијата која го затвори производниот процес и војната во Украина која дополнително ја засили инфлацијата, а двоцифрената и највисока инфлација на Македонија, истакна дека се должи на домашните фактори како што е зголемувањето на плати без да биде зголемена продуктивноста и намалувањето на работната сила меѓу другото и преку вработувања во јавниот сектор.

„Политиката на раст на плати без притоа да биде зголемена продуктивноста на самите фирми услови зголемување на трошокот за труд по единица производ, а тоа значи дека во еден подолг временски период, не зборувам за оваа година, зборувам за еден период од 5 години од 2016-та навака, ние имаме раст на бруто платите, а имаме пад кумулативно на продуктивноста. Тоа направи да фирмите тоа што не произведуваат повеќе, за да си го задржат профитот го пренесоа врз финалните цени“, рече Кадиевска Војновиќ.

Појасни дека тоа е првиот домашен фактор, а вториот домашен фактор којшто условува во земјата да има инфлација е самиот пазар на труд и она што се случува на пазарот на труд.

„Кај и да идете кај приватните компании кажуваат дека не можат да најдат работна сила. Ние како население како Македонија се иселуваме. Се иселува и македонска и албанска популација и секаква и затоа немаме работноспособно население. Во такви услови кога и државата во последниве две три години, чудно, меѓутоа во две најголеми кризи, пандемиска и енергетска, вработува во јавен сектор, го обсорбира оној слободен дел од работната сила и за приватниот сектор не останува ништо. Не создаваме народ, се иселува младо население”, потенцираше Кадиевска Војновиќ.