Кадиевска Војновиќ: Оваа влада е една од најнеуспешните во справување со кризи, итно се потребни предвремени избори

На трибината насловена „Наместо ЕУ влада, влада на должничко ропство – Потребни се политики кои ќе донесат промени и иднина“, Маја Кадиевска Војновиќ член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ рече дека актуелната Влада е една од најнеуспешните досега кога станува збор за справување со кризи.

„Оваа влада и со претходниот и со сегашниот премиер најверојатно е една од најнеуспешните влади во справување со кризи. Ние ако гледаме историски, сме имале многу кризи. Ние во целиот овој период во 30 години самостојна држава поминувавме низ кризи. Е сега прашањето е каков е капацитетот на владите да се справи со кризи. Она што сега го гледаме е дека оваа влада нема капацитет да се справи со кризи и затоа ние граѓаните ги чувствуваме истите. Во 2008 година јасно памтиме каква беше таа епизода, многу слична на сегашната висока инфлација , речиси идентични фактори, раст на цени на храна, цени на нафтата, значи имавме исто така висока инфлација. Меѓутоа во тоа време луѓето не ја чуствуваа инфалцијата“, рече Кадиевска Војновиќ.

Потенцираше дека најмногу е загрижена за тоа како државата ќе го враќа долгот од 900 милиони евра кој владата го најави. Таа меѓу другото потенцираше дека опозицијата има многу аргументи зошто се потребни предвремени парламентарни избори.

„Оваа влада, според мене, не се справи ниту со пандемиската криза и она што би сакала да го кажам опозицијата не спие. Јас уште од 2020 година сум загрижена како овој акумулиран долг од милијарда и шесто и овој кој е најавен сега од 900 милиони, значи како овој акумулиран долг во овие две кризи како ќе го враќаме, тоа е клучното прашање. Народот ја чувствува кризата затоа што менаџментот е катастрофален и од причина што оваа влада досега не е проактивна туку реагира ретроактивно и затоа ние како опозиција имаме аргументи и јас имам еден слајт со 12 аргументи но сите ќе се сложиме дека има многу повеќе аргументи за предвремени парламентарни избори, порача Кадиевска Војновиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.