Кадиевска Војновиќ: Прв пат во историјата опозиционен лидер излезе со издржан предлог за излез од кризата

Економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ работи не само за енергетската криза, туку и за економските теми и целокупната економска ситуација. Прв пат во историјата опозиционен лидер излезе со предлог за излез од кризата, изјави за Анализа на ТВ 24, маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Кадиевска Војновиќ истака дека ситуацијата во Македонија е алармантна и дека бизнисот сериозно алармира дека ситуацијата е излезена од контрола

– Се понудивме како партија. Критиките се едно и тие се во насока на решавање на кризата од која сме засегнати и затоа го нудиме концептот на претседателот Мицкоски, и јас сум задоволна што прв пат во историјата еден опозиционен лидер на конструктивен начин излезе со издржан предлог. Сметаме дека треба да се разговара во едни вакви тешки времиња за кои населението е свесно, но допрва следува потешко, рече Кадиевска Војновиќ.

Таа посочи дека излегоа резултати од анкета од Стопанска комора која покажува дека бизнисот не може да ги издржи цените на електричната енергија, а тоа ќе значи намалено производство и намален број на вработени, односно откази.

– Денес Стопанската комора на Македонија објави резултати од една анкета од 1600 субјекти на слободниот пазар, каде што кажува дека не се убави сознанијата. За јавноста е важно ова дека го кажува бизнисот кој е погоден од високите цени на струјата. Првите сознанија се дека кај одредени компании состојбата е во висок степен на сериозност и почнуваат со отпуштања, принудни одмори, редуцирање на производство и дека следните 2 месеци ќе биде голем проблем бидејќи истекуваат постоечките договори за набавка, истакна Кадиевска Војновиќ.

Таа додаде дека најголемите компании се погодени од цените на електрична енергија и истите според овие цени треба да дадат половина милијарда евра за електрична енергија.

– Стопанската комора имаше и предлози дадено до владата, бизнисот вработува 650.000 граѓани и тој е тој кој го полни буџетот и ако на бизнисот сега треба да му се помогне, посочи таа.