Кадиз го шокираше Реал Мадрид

Новиот шпански прволигаш Кадиз направи сензација совладувајќи го со 1:0 актуелниот шампион Реал Мадрид во саботата, во рамките на шестото првенствено коло.

За Кадиз ова е првата победа против Реал Мадрид од 1991 година, а „Кралскиот клуб“ го доживеа првиот пораз во Примера по седум месеци.

Напаѓачот од Хондурас, Антони Лозано го доведе Кадиз во водство уште во 16 минута и изненадувачки овој гол остана единствен на мечот. По многу слабото издание на Реал во првото поливеме, Зинедин Зидан во вториот дел направи четири замени, но резултатот не се менуваше. Винисиус промаши со глава од идеална позиција, а Карим Бензема во завршницата ја погоди стативата.

И покрај поразот Реал и натаму е прв на табелата со 10 бодови, но од пет натпревара, додека Кадиз е врор, исто така со 10 бодови, но од шест меча.

Претходно Атлетикот Мадрид во Виго со 2:0 ја победи Селта, а стрелци беа Луис Суарез во 6 и Јаник Караско во 90 минута.

Атлетико има одиграно досега четири кола во кои освои осум бодови, а Селта ги одигра сите шест кола во кои собра пет бодови.