Кадиз се специјализира за великаните – ја сруши и Барса, Атлетико на врвот

Фудбалерите на повратникот во Примера по гостинската победа над Реал Мадрид од 1:0, успеаја да совладаат уште еден шпански великан – Барселона со 2:1 во што голем придонес имаа катастррофалните грешки на гостинската одбрана голманот Марк-Андре тер Штеген, но и бравурозните интервенции на домашниот голман Ледезма кој одбрани осум опасни удари на Каталонците во рамките од неговиот гол.

Кадиз поведе во 9 минута кога Алваро Гименез ја искористи грешката на Тер Штеген кој невнимателно ја испушти топката. Барса израмни во 56 минута кога по едно нафрлување од левата страна Педро Алкала ја сврти топката во сопствената мрежа. Четвртиот пораз на Барселона во првенството ѝ го нанесе ветеранот Алваро Негредо кога искористи невнимание на гостинската одбрана по изведен аут во висина на сопствениот шеснаесетник кога топката беше пропуштена кон тер Штеген кој не го очекуваше потегот на своите соиграчи а Негредо ја искористи неговата задоцнета реакција.

Кадиз ги има одиграно сите 12 кола и со 18 бодови моментално е на петтото место, додека Барселона е моментално седма со 14 бодови, дури 12 помалку од водечкиот Атлетико Мадрид кој има исто така одиграно 10 кола.

Атлетико Мадрид успеа во вториот дел да го скрши отпорот на Вајадолид, со головите на Томас Лемар во 56 и Маркос Љоренте во 72 минута. Со седмата последователна победа во Примера, мадридските „Јорганџии“ сега се први со 26 бодови четири повеќе од градскиот ривал Реал кој има и меч повеќе. Вајадолид останува претпоследен на табелата 19-ти со десет бодови.

Во првиот саботен натпревар Реал Мадрид во дербито во Севилја беше подобар за несреќниот автогол кој го постигна Јасине Буну во 55 минута. Реал моментално е трет со 20 бодови од 11 кола, а Севилја остана шеста со 16 бодови од 10 кола.