Кадрите на ДУИ во улога на скандал мајстори по пресметан ризик

Каков скандал! Со ништо не предизвикани, Бирото за филателија и Советот за поштенски марки на Македонска пошта предизвикаа невиден скандал, издавајќи поштенска марка по повод одбележувањето на денот на победата над фашизмот, денот на Европа и претседателствувањето со ЕУ на хрватската држава, со картата на НДХ. Веднаш реагираше Србија, а по неа и Босна и Херцеговина, упатувајќи протестна нота преку Амбасадите на Македонија во Белград и Сараево.

Следеше официјално извинување од МНР на Република Македонија, од техничкиот премиер Спасовски, куп изговори и секако итно повлекување и поништување на целата едиција на испечатените поштенски марки. Имаше и неуспешен обид целата одговорност да се префрли на генерален директор на Македонска пошта, со надеж дека на тој начин ќе се замолчи јавноста. Целата работа се сведе на разрешување на целиот состав на Советот за поштенски марки и раководителот на Бирото за филателија.

Меѓутоа, дали навистина овој настан е наивен и туку така може да се помине преку него?! Само наивни и неупатени луѓе може да веруваат во ваквиот крај на овој невиден скандал.

Се поставува едно многу суптилно прашање во оваа цела приказна. Дали издавањето на една таква скандалозна поштенска марка не е направено со пресметан ризик и за голема финансиска добивка?!

Можеби многумина ќе се запрашаат за што станува збор?!

Добро упатените, знаат колкава цена може да постигне една таква поштенска марка на филателистичкиот пазар?!

Според контактите што лично ги имам, хрватски филателисти од Америка и од Австралија, веќе сега и не прашуваат по која цена може да се добие примерок од неа. Цената им достигнува по неколку илјади евра, а последната понудена цена изнесуваше 10.000 долари за една марка.

Сега имаме одлука за повлекување на поштенската марка. Меѓутоа, прашањето е колку такви марки се излезени во продажната мрежа, колку од нив се веќе продадени?!

Само едно е сигурно, тие што имаат, тие што по кој било основ поседуваат примерок од таа поштенска марка, имаат можност дебело да профитираат на филателистичкиот пазар.

Целата едиција поштенски марки нужно мора да се уништи, како што треба да биде уништена и целокупната подготовка за нејзино печатење.

Штетата е направена, властелините во Македонија некако пословично или виткаат кичма или некому му се извинуваат, а за сето тоа одговорност нема!

Тоа што треба да знаат сите, и една поштенска марка да недостига од целата едиција, некој треба да сноси не само професионална, не само политичка, туку кривична одговорност. Ова особено се однесува за некогашниот хрватски студент Алија Неџати, кој до неговото разрешување беше најодговорниот и раководеше со Бирото за филателија, а од таа позиција најдобро има проценето што може да загуби и колку може да се офајди од продажба на само една таква марка.

Ако ја следиме линијата на хиерархиската одговорност, таа оди од Советот како организациона единица на Македонски пошти, кои одобриле еден ваков проект, преку директорот, како најодговорен во поштата за издавање на едиции на поштенски марки, се’ до министерот за транспорт и врски, кој меѓу другото става потпис на годишната програма за издавање на поштенски марки. Хиерархиската линија на одговорноста е заради обврската не само да се пропишуваат нештата, туку истите нужно да се контролираат за да не се доведе една убава, благородна идеја за одбележување на денот на победата над фашизмот, денот на Европа и хрватското претседателствување со ЕУ, да се претвори во отворена провокација и меѓудржавен скандал.

Ајде да видиме со каков интегритет се најодговорните во институциите… или пак, како и до сега, како докажана партиска перјаница, ќе бидат заштитени и земени во закрилата на своите усмрдени партиски трла. Ова особено што со Македонска пошта, не цели две децении кадрите од ДУИ таму веќе пуштија корења, третирајќи ја институцијата како партиска сопственост и прават буквално што сакаат, а при тоа Министерството за транспорт и врски нема ниту увид, ниту контрола на глупостите што се случуваа во изминатите две децении – „грабеж“ на пари од пошти и поштенски комбиња; пожар во поштата; неколку пати издадени едиции на поштенски марки со скандалозни грешки или без одобрение на надлежните, а Јавното обвинителство и МВР се неми наблудувачи на театарот за свои потреби што го приредуваат скандал мајсторите од ДУИ.

Ако се’ остане само на тоа дека виновен е тој што ја цртал поштенската марка, тие што во рамките на Советот кренале рака за нејзино печатење и раководителот на Бирото за филателија, а не и оние што се најодговорни во Македонска пошта и во државата за тоа, се прашувам кое ќе биде следното непријатно изненадување… можеби поштенска марка со картата на Сан Стефанска Бугарија. Прашањето тогаш би било, кој кому и за што би испратил протестна нота кога самите си пукаме во нога?!

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес