Кај десничарската AfD повеќе имигранти, отколку меѓу конзервативците на Меркел

Европскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) во новиот состав ан германскиот парламент ќе има повеќе пратеници од имигрантско потекло отколку конзервативната Унија CDU/CSU на канцеларката Ангела Меркел, покажува истражувањето.

Партијата којашто беше формирана пред четири години Алтернатива за Германија (AfD) првпат влегува во германскиот Бундестаг освои 12,9 отсто од гласовите на парламентарните избори минатата недела, од своите основање остро ја критикуваше политиката на канцеларката Ангела Меркел за прифаќањето на 1,2 милиони главно муслимански имигранти во текот на последните две години, а нејзините челници неретко истакнуваа дека за исламот нема место во Германија.

И покрај тоа, едно истражување покажува дека 7,5 отсто од 93 пратеници на AfD во новиот состав на Бундестагот имаат имигрантско потекло. За споредба, имигрантско потекло имаат само 2,5 отсто меѓу конзервативните германски пратеници, се наведува во истражувањето на Mediendienst Integration, интернет ресурс кој собира податоци поврзани со имиграциите и азилот.

Практично ова значи дека AfD и конзервативниот блок ќе имаат по седум пратеници кои се имигранти од првото или второто поколение.

„Иронично, со влегувањето во парламентот антиимигрантската AfD придонесе за зголемување на бројот на пратениците со имигрантско потекло“, наведува Јанис Панајотидис од Универзитетот Ознабрук.

Новиот парламент ќе има 709 пратеници, од кои 57 имаат имигранатско потекло, а такви ги имаше само 20 во минатиот состав кој имаше 630 пратеници. Крајно левата партија Левица, има далеку најголем број пратеници со имигрантско потекло – 19.

Околу 22,5 отсто од вкупната германска популација има имигрантско потекло, што значи дека немале германско државјанство во моментот на раѓање или имаат барем еден родител кој не е роден како Германец.

Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел и нивната сестринска баварска партија Христијанско-социјална унија (CSU) освоија најголем број пратенички места на изборите од 24-ти септември, со што Меркел го обезбеди четвртиот мандат како канцелар, но истовремено рекордно падна ниско и поддршката за нејзините конзервативци. Истовремено, историски рекорден пад на поддршката забележа на овие избори и Социјалдемократска партија на Германија (SPD), којашто освои околу 20 отсто, што е најслаб резултат од 1949 година.

Се очекува дека коалицијата CDU/CSU, којашто заедно има 246 мандати во Бундестаго, ќе се обиде да состави владејачка коалиција со Либерално-демократската партија (FDP) и Зелените. Социјалдемократите веднаш по изборите објавија дека истапуваат од досегашната ткн „голема коалиција“ со конзервативците и оти заминуваат во опозиција.

Како трета политичка сила во Германија на последните избори се наметна AfD. Но уште пред изборите сите други партии изјавија дека нема да коалицираат во никој случај со оваа партија којашто ја сместуваат на крајната десница од политичкиот спектар.