Какистократија, моќта на глупоста

646

Читајќи ги биографиите на новите министри (не дека има нешто да прочиташ, ама убаво е да знаеш кој те води) во Владата се потсетив на зборовите на еден од поранешните „преживеани“ претседатели кој тврдеше дека македонската држава има фабричка грешка. Ја би рекол тешка болештина. Тој така аналитички и студиозно ја лоцираше грешката во Уставот, но посредно во народот. Зашто, нели, народот секогаш е во право и кога греши. Но, никако во неспособноста и необразованоста на политичарите, кои, ако свесно не го задушуваа демократскиот дијалог, креираа систем низ кој го ограничија и первертираа демократскиот процес како коректор на власта, а човековите права и слободи ги сведоа на вербална декларација, наместо на вистински чувар на човековото достоинство.

Не на она достоинство на кое се повикува Министерот за надворешни работи Димитров, како негова црвена линија во односите со нашите соседи. Да нема забуна, за човек без достоинство црвената линија може само да асоцира на бојата и ништо повеќе. Затоа така лесно го погази достоинството на еден цел народ менувајќи му го името и историјата и за кој не просветли дека бил помлад од другите балкански нации. Тоа е кога гледате европски и подалеку од другите, без чувство за припадност на тој народ што го навредувате. За жал со долг стаж во дипломатијата не научил дека неговите зборови тежат. Но, не според бројот на лајкови на неговиот фејсбук статус. Гревно.

Заради ваков тип на ново компонирани политичари што никогаш не ја добиле довербата од народот, интелектуализмот во државата стана колатерална штета на системот на владеење што го промовираа. Стана нивната изгубена свест и совест. Топовско месо секогаш кога политиката не е способна да одговори на реформите што ги ветуваше. Во Македонија демократијата што ја промовираа низ концептот на едно општество за сите стана комотна дестинација за костимирани блефери. Место за неспособни, како што го замислија и дизјанираа овие политички мешетари. Ако подобро погледнете што ни се случува последниве години, Македонија во моментов страда не само од епидемија на морбили, туку од епидемија на глупост и неспособност.

Во општество каде незнаењето и неспособноста пенетрираат на повеќе нивоа на власта, политиките и личностите, не е чудно што терминот кој е измислен за најдобро да ја опише ваквата состојба се бара во заборавени зборови, кои денес стануваат повторно актуелни. Па така, со оглед дека некомпетентноста во управувањето треба да се третира како политички проблем, „какистократијата“ најдобро може да го опфати и опише истиот. Какистрокатијата е влада на држава раководена од најнеспособните, најмалку образованите и најмалку квалификуваните и непринципиелни граѓани на власт. „Какистос“ значи „најлош“, што е суперлатив од „какос“, лош, а „кратос“ значи моќ, управување. Тоа буквално значи лидерство од страна на најлошите луѓе што може да се замисли, дефинирано низ манипулација на богатите, моќни и влијателни луѓе, а особено политичари и плутократи што ги следат сопствените интереси, наместо интересите на граѓаните. Денешното владеење со Македонија најдобро може да се опише низ зборовите на американскиот поет од 19 век Џемс Расел Ловел:

„Она што ме исполнува со сомнеж и разочарување е деградацијата на моралниот тон во општеството. Дали тоа е или не е резултат на демократијата? Дали нашата влада е на народот, од народот, за народот, или е какистократија во корист на криминалци по цена на будали?“.

Поимот „какистрократија“ е недоволно искористен и малку ценет поим во дваесеттиот и дваесет и првиот век. Можеби поради тоа што се јавува со порастот на неолиберализмот кој има интимна врска со глупоста, ќе забележат одредени аналитичари. Па, затоа тие нејчесто го заменуваат со зборот клептократија (владеење на лопови, или апаши како што милува да ги нарекува Петар Гошев другите, но не и своите) што не е исто, зашто елементите на какистрокатијата треба да укажат на глупоста и неспособноста како карактеристика на лицата кои управуваат со државата и го раководат процесот на носење одлуки. Какистократијата историски е независна од актуелната форма на власт, зашто идиоти може да бидат именувани од идиот деспот, или избирани од страна на загарантиран електорат, или принудно поставени низ моќта на толпата.

За жал со години наназад демократијата во Македонија е киднапирана од какистрокатијата. Од необразовани и неспособни луѓе. Што полека, но сигурно не’ водат кон демонтажа на демократијата, а богами и државата. Погледнете ја празнината во нивните постигнувања низ празнината во нивните биографии и сервилноста како врв на нивната посветеност за успех во животот. До вчера пропалитети, вечни студенти, квази интелектуалци што купуваа книги на метража да им ги пополнат празнините во нивните регали (празнината во главата не се пополнува), денес ќе не’ внесуваат во Европа и ќе се борат против корупцијата и криминалот. Клучните карактеристики на овие луѓе што сакаат да напредуваат во нашата какистократија се аморалитетот и целосната лојалност кон партијата и лидерот, нивната некомпетентност, антиинтелектуализам, медиократија и непотизам. Во која друга држава најлошите студенти по право ќе ја водат борбата против криминалот и корупцијата кога не се способни да прочитаат закон, а не дај боже да применат право, поединци со средно образование ќе раководат со јавни претпријатија, а вулканизери ќе привлекуваат странски инвестиции? Освен во нашата. Не секогаш „демократските револуции“ па макар биле и шарени го ослободуваат најдоброто во човечката природа, тие исто така можат да го ослободат најлошото. Затоа глупоста не е хендикеп на нашата политика.

За да функционира овој систем и овие луѓе да бидат дел од него потребно е да се ослободите од квалификуваните и способни поединци. Од оние што создале вредност во своите животи. Оние чиј труд бил верификуван на пазарот. Нив, баш нив треба да ги дискредитирате и замолчите. Па, ако треба и да ги отстраните. Вообичаено овие поединци сами заминуваат, зашто не можат да бидат дел од токсичен систем на глупости и незнаење. Политиката мисли дека може без нив. За среќа, само за момент. Можеби моментот трае подолго, но сепак е момент. Традиционално, „какистократијата“ има тенденција да пропадне преку сопствената некомпетентност. Токму она што ни се случува денес.

Затоа патетично звучат повиците за реформи од луѓе со плитка памет што се дават во нивните глупости. Повик од луѓе без морал и интелектуален рефлекс. И од оние што ги боли за нивното, но не и за достоинството на својот народ што го погазија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.