Како до поголемо и постабилно домашно производство на електрична енергија?

Владата вчера прогласи енергетска криза. Целта на оваа владина одлука е државните енергетски компании полесно и навремено да добиваат пари од буџетот за производство и набавка на струја, како и за купување на мазут и јаглен. Со стапување на сила на одлуката од први септември ќе важат и владините мери за штедење на електрична енергија кои што ќе биде задолжителни за јавните институции, а препорачливи за домаќинствата и приватните компании.

Генералниот заклучок на надлежните и познавачите на енергетскиот пазар е дека не’ очекува најтешката зима во последниве 50 години, од аспект на снабдување со електрична енергија. Цените на електрична енергија на берзите постојано растат, а со тоа неизбежно ќе растат цените и на сите други добра.

А, главното прашање на кое што се бара одговор е да се зголеми и обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија од домашни енергетски капацитети. Како Македонија да го зголеми домашното производство и кои извори на енергија, особено во делот на обновливи извор, имаат најголем потенцијал во земјава, Филип Андрески, раководител на секторот Развој во Групацијата „Фероинвест“ вели дека Македонија располага со потенцијал за производство на електрична енергија од вода, сонце, ветер и биогас, како обновливи извори на енергија.

„Во Македонија, во 2021 година, 67% од потрошувачката на електрична енергија е обезбедено од сопственото производство додека 33% се обезбедува преку увоз. Сето тоа не’ води до заклучокот дека од витално значење е сопственото – домашно производство на електрична енергија. Во последниот период актуелна е изградбата на фотонапонски централи. Сончевата енергија ја имаме во изобилие, па така и логично е да се потрудиме во што е можно поголеми рамки да ја искористиме. Се направија и соодветни законски измени за да оваа технологија за производство на електрична енергија се приближи до секој граѓанин, како и до секој индустриски капацитет. Изградбата на фотонапонски централи чие производство ќе се користи за сопствена потрошувачка е многу полезно особено за стопански субјекти кај кои електричната енергија претставува голем фактор во цената на нивниот финален производ. Со инвестирање во вакви фотонапонски централи, секој стопански субјект ќе биде многу поконкурентен на пазарот а со тоа ќе може дури и да освојува нови пазари за пласман на сопствените производи“, вели Андрески.

Согласно годишниот извештај на Регулаторна Комисија за Енергетика, вели Андрески, во 2021 година се издадени лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќност од 14 MW што претставува зголемување од 100% во однос на 2020 година. Оваа 2022 година се очекува инсталираната моќност од фотонапонски централи да биде многукратно поголема бидејќи во тек е изградба на многу вакви капацитети.

Но, Андрески, вели дека тука мора да се напомене дека електричната енергија од фотоволтаичните централи е флуктуирачка, односно во едно деноноќие производството на една фотонапонска централа (во летните месеци) се движи од 0 (нула) kWh, па се’ до максималната инсталирана моќност.

„Сето тоа води до потреба од вградување на батерии во кои ќе се акумулира вишокот на произведена електрична енергија за подоцна истата да се користи кога производството од фотонапонската централа ќе се намали или сведе на нула. Технологијата за складирање на електрична енергија во батерии е сеуште прилично скапа и можеби за некои субјекти да биде неисплатлива. На макро ниво, флуктуациите во производството на електрична енергија од фотонапонските централи може да доведе до нестабилност на електро-енергетскиот систем и поради тоа мора да се стремиме и кон изградба на електро централи кои произведуваат ’базна’ електрична енергија, односно нивното производство е непроменливо и предвидливо. Со нив би се ’пеглале’ пиковите во производството/потрошувачката на електрична енергија. Такви објекти се хидроцентралите“, појаснува машинскиот инженер од Групацијата „Фероинвест“.

Според податоците, досега во државата се изградени 8 големи хидроцентрали со инсталирана моќност од 557 MW и околу 100 мали хидроцентрали со инсталирана моќност од 90 MW, а потенцијалот е многу поголем и сеуште неискористен.

„Во Македонија за жал во последните неколку години се водеше една интензивна и негативна кампања против изградба на ваквите објекти од страна на невладините организации и еколошки друштва. Дури имаше и извештаи од јавни установи во кои се оцрнуваше изградбата на ваквите капацитети бидејќи државата ја плаќала електричната енергија по цена повисока од пазарната. А сега, во услови на енергетска криза, државата сеуште ја плаќа истата цена, но овој пат таа е многукратно пониска од пазарната односно за само неколку месеци тие средства се вратија назад во државната каса, но затоа сега увезуваме големи количини на јаглен кои ќе ги користиме во термоцентралите и ќе ја загадуваме животната средина“, вели Андрески.

Според него, како едно од најдобрите решенија за „пеглање“ на пиковите во потрошувачката и производството на електрична енергија е изградбата на пумпно – акумулациони енергетски постројки. Таков проект во Македонија е ХЕЦ Чебрен на Црна Река, потенцира раководителот на одделот за Развој во Групацијата „Фероинвест“.

Ваквите централи, како што објаснува Андрески, се користат за производство на електрична енергија и се состојат од горна и долна акумулација.

„Во периоди кога во државата има недостаток на енергија, водата од горната акумулација преку турбина се префрла во долната акумулација при што се произведува електрична енергија. Во периоди кога производството на електрична енергија е поголемо од потрошувачката, овие централи го користат вишокот на енергија за да ја препумпаат водата од долната во горната акумулација. На овој начин добиваме една „природна“ батерија за складирање на енергијата. Се надевам дека во догледно време ќе се реализира овој проект, кој според мене е од витално значење. На крај, мора сите да сме свесни дека за развој на економијата е потребен и развој во производството на електрична енергија, односно е потребно да се изнајде начин да се изградат капацитети за искористување на сите расположливи енергетски ресурси што ги имаме. На тој начин ќе обезбедиме една постабилна ситуација за натамошен развој“, заклучува Андрески.