Како ДУИ ги троши народните пари?

Не престануваат скандалите со функционерите на ДУИ, кои се на раководни државни функции.

Најнова во низата е кривичната пријава за поранешниот министер за локална самоуправа Лирим Шабани, на предлог на ДУИ, како и за актуелниот министер за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, од Алијансата за Албанците, кои го оштетиле буџетот за 2,2 милиони денари. Имено, на двајца вработени во Министерството за локална самоуправа им исплаќале дополнителни хонорори во својство на надворешни соработници, а средствата биле злоупотребени од ИПА фондовите за меѓугранична соработка на Македонија и Бугарија од 2015 до 2017. Делото го потврди и ревизорскиот извештај, а пари од буџетот на Министерството се вратени во ИПА фондовите.

„Пријавените Љ.Ш. и С.Ф. во својство на министер за локална самоуправа во периодот од 2015 до 2017 година заедно со третопријавената М.М.П. и четвртопријавената Б.Р. со пропуштање должен надзор несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности на начин што во проектот на ИПА-фондовите наменети за техничка помош на Министерството за меѓугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија склучиле, потпишале и исплатиле четири договори за дело за користење интелектуално консултантски улсуги помеѓу Министерството и М.М.П. и Б.Р., кои се во редовен работен однос во Министерството, а како наводно дополнително ангажирани лица преку Младинската агенција ДОО – Скопје незаконски примиле 2.198.243 денари и го оштетиле буџетот на Министерството“, соопшти Финансиската полиција.

Од страна на Државниот завод за ревизија препорачале средствата да бидат вратени во ИПА фондовите, при што е нанесена штета на буџетот на Министерството, а останува нејасно дали вработените ги вратиле парите, кои ги добиле хонорор, на сметката на буџетот.

 

Од друга страна, вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика шест месеци не се појави на работа. Неговото отсуство беше оценето како противзаконско, а беше доведено во прашање и неговото останување во Владата, но засега ништо од најавите. Дополнително, премиерот Заев неодамна изјави дека наводите за смена на Лика не се точни.

Сепак, Лика претходно остана забележан и по трошењето народни пари по кафеани и ресторани. Тој за периодот додека одел на работа потрошил околу 4 илјади евра.

Осомничен за финансиски криминал, од страна на СЈО, е и актуелниот политички преговарач за членство во Европската Унија, вицепремиерот Бујар Османи. Тој се товари дека како поранешен министер за здравство, заедно со уште 15 лица, фаворизирал и доделил јавна набавка на фирма од Бугарија, за која иако знаел дека не ги исполнува условите, била избрана да ги реконструира болниците во Тетово и Охрид, како и гинеколошката клиника Чаир во Скопје.

И министерот за образование, Арбер Адеми отвори сомнеж за злоупотреба на средства. Тој во август годинава, склучил 27 тендери во четири очи, со фирми блиски до ДУИ, а кои тежат 7 милиони евра.

Предничат фирмите „Арбериа Десигн“ и „Арс Ламина“, со 5,3 милиони евра, кои биле најмени за набавка на учебници.

Триесетдневен притвор претходно доби и Арменд Фазлиу, шеф на кабинетот на директорот на Македонски пошти и воедно внук на Рафиз Алити. Тој беше осуден на 2 години затвор за предизвикување на пожарот во „Македонски пошти“, при што беше нанесена штета од 100 илјади евра.

10 вработени во „Македонски пошти“ беа уапсени и за филмскиот грабеж од филијалата во Чаир, меѓу кои и ќерка на поранешен функционер на ДУИ. Украдени беа вкупно 211 илјади евра.

Инаку оваа институција често се наоѓаше на листата на донатори на политичките кампањи на ДУИ.

„Довербата на граѓаните за претседателот Али Ахмети и Демократската Унија за Интеграција е над се и затоа, за обелоденување на целосната и единствена вистина, ДУИ останува, бара и ќе се ангажира за длабоко истражување на активноста на секој функционер од 2002 година до денес и пренесување на одговорност за евентуални злоупотреби на партиската доверба и службената должност.

Убедени во нашата активност, овој чекор го покажува цврстиот ангажман за обелоденување на вистината и иницијативата за реформи за стабилност и продолжување на ДУИ како национална вредност, преку правно и институционално отстранување на сите сомнежи, но, исто така, и постојаните тенденциозни клевети обратени кон ДУИ.“, гласеше партиското соопштение на партијата, објавено уште минатата година.