Како исчезнуваше македонското малцинство

Непризнавањето и неприфаќањето на малцинствата создава сериозни проблеми во односите меѓу државите. Всушност, да се биде дел од етничко малцинство често е придружено со предрасуди и дискриминација и тивка асимилација. Посебно ако сте македонско малцинство во Бугарија. Дали повторно треба да ја преиспитаме врската помеѓу статусот на македонското малцинство и неговата видливост во меѓународно правната заштита на човековите права во однос на Бугарија?

Прашањата на малцинствата се екстремно ниски на агендата на меѓународните организациите за заштита на човековите права. Правата на малцинствата премногу често се игнорирани, а многу од нив се исклучени од заштита во меѓународно правните документи донесени за таа цел. Непризнавањето и неприфаќањето на малцинствата создава сериозни проблеми во односите меѓу државите. Всушност, да се биде дел од етничко малцинство често е придружено со предрасуди и дискриминација и тивка асимилација. Посебно ако сте македонско малцинство во Бугарија. Дали повторно треба да ја преиспитаме врската помеѓу статусот на македонското малцинство и неговата видливост во меѓународно правната заштита на човековите права во однос на Бугарија? Секако. Која параспур држава ја направи Македонија македонскиот „месија“ на надворешната политика Заев, со неговиот апостол, министер за понадвор, откажувајќи се од грижата за нашето малцинство во Бугарија, оставајќи го само да се грижи за себе и својата иднина. Ги направи малцинство без држава. Колку треба да си национално безличен да дозволиш еден процес на негирање на македонското малцинство, кој со години наназад се одвива во храмот на човековите права – Советот на Европа во Стразбур, да добие легитимитет со нашето откажување од грижата за нив. Македонското малцинство веќе оддамна полека се трансформираше во резолуциите на Советот на Европа во јазично неутрална кованици како „одредено“, или целосно беше избришано од резолуцијата по Рамковната конвенција за малцинствата во однос на Бугарија. Објаснувањето беше дека властите во Бугарија не прифаќаат малцинство кое не ги исполнува објективните критериуми за негово постоење, исклучувајќи ги од можноста да бидат заштитени со Конвенцијата.

Едно дамнешно време Советодавниот комитет по Рамковната конвенција за малцинствата недвосмислено го потврдуваше постоењето на Македонците како различен етнички ентитет во Бугарија, охрабрувајќи ја тогашната влада да ја преиспита широчината на применливноста на Конвенцијата и на ова малцинство. Одговорот на бугарската влада беше дека „овие бугарски граѓани ги делат истите етнички, верски и лингвистички карактеритики кои би ги разликувале од мнозинското население“. Доследно на ваквото размислување, какви било карактеристики кои хипотетички би ги поддржале барањата на оваа група за специфичен идентитет се исклучиво од субјективна природа, а за се добие  заштита согласно Конвенцијата Македонците во Бугарија мора да ги исполнеле субјективните и објективни критериуми кумулативно. Интересно и многу „стручно“ толкување на Бугарија во контекст на заштитата на малцинствата во оваа држава. И, замислетете, вакво тврдење лесно го помина филтерот на Советот на Европа за признавање на малцинствата. А, и како нема да помине кога очигледно сме го изгубиле гласот во овој меѓународен форум, дипломатски не мешајќи се во сопственат работа – одбрана на македонското малцинство. И така во повеќето циклуси на извештаи за Бугарија по Рамковната конвенција за малцинствата македонското малцинство исчезна. Тивко и дипломатски сервилно дозволено од нашата сервилна дипломатија.

Во овој контект е и објаснувањето на бугарската влада како Македонците се стекнале со етнички идентитет. Стариот добар наратив дека комунистичката партија на Бугарија, имитирајќи ја политиката на комунистичката интернационала активно го охрабрува македонскиот идентитет, па така, следејќи ја одлуката на затворениот Пленум на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти) насила биле впишани 200.000 лица кои претежно биле населени во југозападна Бугарија, имплицирајќи дека македонската нација е коминтерновска творба и измислица на Тито. Па, после одете славете го Тито како ни дал држава. Кој дилетантизам. И повторно дипломатски молк. Молчејќи ги прифаќавме аргументите на Бугарија, за конечно целосно да се откажеме од македонското малцинство, отстапувајќи ја и историјата на Бугарија со договорот за добрососедство. И тоа да ти било историски успех на државотворната македонската дипломатија. Очигледно нас не ни е крива Бугарија. Доволни бевме самите на себе да се одродиме од нашите корени. Важно беше да не се бранува, како што ми велеа кога го отворав ова прашање во Советот на Европа. А, цунамито доаѓаше. Но, кој да го види.

Очигледно дека заштитата на човековите права за македонската дипломатија никогаш не било решение, туку проблем. Никогаш не помислував дека водењето на надворешната политика од аспект на правата може да биде турнато во рутина, зашто човековите права се предизвик, а не рецепт за неуспешност во комуникацијата со другите држави. Несомено дека Македонците и македонското прашање предизвикувало и се уште предизвикува состојба на идиосинкразија во регионот – состојба на раздразливост која се карактеризира во возбуда, страв, губење на рациото и секако историки фрустрации. Класифицирањето на работите е незгодно, особено кога работите што се обидувате да ги класифицирате се луѓе. Кога тие се и Македонци тогаш почнувате да размислувате не само за тоа кој брои, туку и за тоа кој се брои. Затоа не треба да се молчи. Има како и има каде да се зборува. Уште да се најде кој во новата македонска дипломатија да собере храброст и да го скрши молкот.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес