Како македонското Собрание стана муртински атпазарски табернакул

страшо ангеловски

Најпрво за да биде јасно што сакам да кажам да го објаснам поимот „табернакул“. Табернакул претставува лесен шатор во кој се наоѓал дрвениот сандак со Десетте божји заповеди, што Израелците како преносливо светилиште го носеле во текот на талкањето низ пустината. Десетте божји заповеди како десет свети закони, сместени во светиот дом на законите – табернакулот. Десетте божји заповеди кои Израелците ги чувале и по цена на сопствените животи.

Ако денес, две илјади години подоцна Уставот како највисок правен акт, е светата книга со световните заповеди врз кои се потпира постоењето на државата, а Собранието е светиот дом на законите, станува повеќе од јасна мојата споредба на пародијата на денешното македонско Собрание со некогашниот израелски „табернакул“.

Имено, откако насилно и незаконски инсталираното парламентарно мнозинство, формираше Влада како измамничко, корупциско рекетарско здружение, од државата направи вистинска пустина без услови за живот. Уште при неуставното формирање парламентарно мнозинство, без записник и регуларна седница, од Собранието направи лесен шатор неотпорен на силни ветришта, а од Уставот наместо света книга со световните заповеди, направи алваџиско тефтерче за запишување на рабушите на должниците.

Па така, наместо во зградата на Собранието, собранискиот живот и носењето на законите, Зоран Заев ги пресели во искинатото муртинско шаторче, а највисокиот државен акт, Уставот, сместен во табернакулот, го шеташе низ пустината Македонија. Го шеташе најпрво од една до друга амбасада, понизно сместувајќи го шаторчето некаде во задниот двор, на местото на служителите, чекајќи да му издиктираат барања, желби и интереси. На нивно барање, понизно бакнувајќи пенкала и подарувајќи вратоврски, го растегна на брегот на Преспанското езеро, каде во алваџиското тефтерче ги запиша сите барања на ненаситниците од Атина, а ги избриша основните постулати за постоење на државата Република Македонија.

И кога се чинеше дека е крај дека и неговата понизност има граници, тој со неговото шаторче почна да шета од едно до друго седиште на политичките партии на Албанците во Македонија, од она на ДУИ, преку она на Алијансата на Албанците, преку БЕСА до Алтернативата… Па, во веќе изгнасеното тефтерче да ги запишува нивните желби, да ги брише рабушите, а тој како должник за тригодишното незаконско владеење да ветува и остварува и она, што според кажувањата на претставници од тие партии, ниту во сон го сонувале, ниту што е најстрашно го барале од него.

На крајот, на последната собраниска седница, на ужас на целата македонска јавност, искинатото шаторче на Заев, Талат Џафери го искористи како полски клозет, а веќе осквернавеното тефтерче како хартија за бришење.

Така почна и така заврши ова тригодишно понижување, опустошување, осиромашување, обезименување, обездостоинствување… тригодишна голгота на македонскиот народ. Заврши за да даде Господ да не се повтори никогаш повеќе.

И сега, после овој тригодишен ужас, имаме закажани парламентарни избори за 12 април. Имаме можност да го прекинеме овој ужас без крај или да доживееме ужасен крај. Имаме избор меѓу натамошно понижување и осиромашување, „па одозгора на тога“ и федерализација на државава, што ќе биде главно предизборно ветување на Заев за конечно бришење на македонското постоење или обединување околу коалицијата „За обнова на Македонија“, како единствена организирана политичка сила која може да го порази ова зло.

И да го започнеме „најдолгиот пат“ на нашава генерација, пат на кој ќе му ги вратиме достоинството и идентитетот на народот, ќе и’ ги вратиме хероите на историјата, ќе им ја вратиме благосостојбата на граѓаните, ќе и’ го вратиме името на татковината. Пат, кој иако долг, започнува со првиот чекор, а првиот чекор е победа на 12 април.

Победа на достоинството, честа и вистината, над понизноста и лагата. Победа на институциите над искинатото шаторче, победа на Уставот над алваџиското тефтерче. Победа толку потребна за Македонија и македонскиот народ.

 

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес