Како малиот и невидлив „непријател“ ги кутна големите и моќни ЕУ и НАТО

4003
страшо ангеловски

Вечната опсесија на големите и моќните за освојување на светот е позната уште од дамнина. Заради непостоењето на совршени технолошки средства за остварување на ваквата опсесивна цел, пред илјадници години, остварувањето започнало со лакот и стрелата како оружје, со вооружените орди како зачетоци на армиите и „првичното сознание“ за постоење на непријатели. Историјата запишала недоброј воени походи и војни токму заради налудничавата опсесија на големите и моќните да го владеат светот – од Александар, Цезар, Џингис Кан, Атила „Божјиот камшик“ и Наполеон, па се’ до двете големи светски војни. Со извонредно брзиот технолошки развој, посебно на средствата за комуникација, средствата за пропаганда и создавање лажна реалност, но и средствата за масовно уништување од далечина, оние најбогатите и најмоќните својата опсесија за владеење со светот ја подведоа под еден навидум безопасен збор – глобализација.

И, го започнаа процесот на освојување наречен глобализација, по истиот урнек како и пред илјадници години – создадоа оружје, создадоа армија и непрекинато создаваат „непријатели“.

Па така, најпрво го создадоа „оружјето“. Господарите на глобализацијата, покрај конвенционалното и атомското оружје за масовно уништување, создадоа и оружје за масовна пропаганда – филмската и музичката индустрија, оружје за создавање лажна реалност – глобалистичките медиуми, но и „невладини“ организации и левичарски партии и здруженија, како и оружје за економска војна, закани и притисоци, меѓу кои и ММФ и измислените економски санкции за непослушните.

Потоа ја создадоа „армијата“. Го создадоа НАТО како колективно покритие на опсесијата за владеење со светот, како моќен сојуз на армии, за кого сите надвор од него се можни, потенцијални непријатели и како такви, за неговите стратези претставуваат легитимна цел за употреба на веќе создаденото „оружје“.

И конечно, еве веќе повеќе од седум децении, перманентно, според потребите на господарите на глобализацијата се создаваат и основните предуслови за постоењето на „оружјето“ и „армијата“ – се создаваат „непријателите“. И колку „повидливи“, толку поголема потреба за нивно уништување. Почна со тогашниот Советски Сојуз, денешната Руска Федерација, и Кина, а во меѓувреме и оние вештачки создадените од нивна страна Талибанци, Осама Бин Ладен, Исламска држава… па до „режимите“ на Милошевиќ и Србија, Садам Хусеин и Ирак, Гадафи и Либија, Асад и Сирија…

И, кога изгледаше дека се на чекор до остварување на вековната цел, завладување со светот преку „бенигната“ глобализација, преку измамите, лицемерието и двојните стандарди, продадена како придобивка за човештвото, во само година и половина претрпеа два порази, од кои овој вториов, ја откри целата беда на нивните болни опсесии.

Имено, првиот пораз го доживеаја од „малиот“ македонски народ на 30 септември 2018 година, кога и покрај напорите на сите главни изведувачи на нивната опсесија за освојување на светот (сетете се само кој се продефилира низ Македонија во тој период) доживеаја срамен пораз на референдумското изјаснување. За жал, со невидена ароганција, со бруталност невидена до тогаш во меѓународните односи, со издигнување на двојните стандарди до ниво на догма, со промоција на беззаконие и неуставност и со сесрдна помош од внатрешните слуги, далеку помоќните ЕУ и НАТО сопствениот пораз го прикажаа како победа. Се разбира, преку глобалистичките медиуми за создавање лажна реалност.

Вториот пораз, кој го доживуваат деновиве,а кој не можеа да го покријат ниту со ароганција, ниту со бруталност, ниту со измама како нивно најмоќно оружје, ја покажа целата нивна немоќ и нивните вешто прикривани двојни стандарди и лицемерие, станаа видливи за целиот свет.

Па така, двата основни „принципи“ на непринципиелните сојузи – НАТО и ЕУ – беа поразени во еден ден. Како меур од сапуница се распрснаа основните принципи врз кои како врз најголема лага, почиваше нивното постоење.

– Првиот, оној принцип во кој се колнеа сите запалени поддржувачи на воениот НАТО сојуз, принципот на солидарност меѓу земјите членки. Малиот и невидлив Ковид 19 ја разоткри бедната измама за солидарноста на моќниот сојуз, која не само што не заживеа, туку дојде и до целосен прекин на врските меѓу земјите членки, кои се повлекоа во своите државни граници и оние најзагрозените ги оставија да се справуваат самите со себе.

– Вториот, оној принцип врз кој беше формирана Европската Унија, а кој беше идеал за сите оние кои се стремеа за членство во овој сојуз – Европа без граници. Повторно малиот и невидлив Ковид 19 ја разоткри целата хипокризија на европското заедништво и солидарност. Преку ноќ беа кренати старите граници, државите се затворија во себе, па оние најзагрозените повторно беа оставени на милост и немилост на пандемијата, да се снаоѓаат самите со своите сопствени сили, знаења и капацитети.

Така, со поразот на двата основни принципи на непринципиелните сојузи, стана повеќе од очигледна немоќта на глобалното општество замислено како „царство“ на најбогатите и најмоќните и,уште еднаш се покажа дека сега за сега, највисок степен на организираност на човештвото е суверената држава, со свои граници и со свои механизми на заштита. Онаа држава која така горливо сакаа да ја уништат заради своето глобално владеење, а во чии граници денес се скрија како во глувчешки дупки.

На крајот, знае ли некој во која дупка е напикан големиот „филантроп“, основачот на „отвореното општество“, односно општеството без заштита, и колку милијарди евра донираше за загрозениот дел од човештвото? (Филантропија – според Речникот на македонски јазик од Зозе Мургоски има две значења – прво: љубов кон човекот и второ: доброта и милосрдие).

Затоа, не малиот и невидлив Ковид 19, туку двојните стандарди и непринципиелноста на „принципиелните“ се вистинската закана за човештвото. Зашто за нивната злобна опсесија не постои ниту лек, ниту вакцина.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.