Како се градеше езерото Треска!

Емотивно и духовно празен од безидејноста, кризите на секој план, монотонијата во политичкиот живот, лагите на Европа спрема нас, скандалите на секој чекор во нашата мила Македонија, немав идеја за нова колумна. И по последната моја колумна и анализите од едногодишното пишување одлучив да пишувам за тоа како се граделе нештата кои будат големи спомени, да пишувам за убавините на нашата држава кои за жал самите ги уништивме, обезвреднивме и доведовме да останат само во нашата меморија.

Патем пред одредено време во претпоследната моја колумна под наслов „Избушена држава“, пишував за состојбата со нашите патишта и по незнам по кој пат повторно сум 100 чекори пред владата и останатите. Така да деновиве претстојуваше американскиот економист, нобеловец, и мој колега колумнист (добро на „Њујорк Тајмс“ е тој) Пол Кругер, кој директно им го плесна на нашиве тукашни дека патиштата ни се очајни и дека треба веднаш да ги поправиме ако сакаме инвестиции. Хехе е мој голем „колега“ јас веќе со години зборам ама џабе, ваљда после тебе ќе се освестат.

Да се вратам на темата. Спортско рекреативбиот центар (СРЦ) Треска и што преставуваше тоа за градот Скопје и нас тогашните скопјани, денес се помалку изгубени во просторов урбанистички и што остана денеска од него. Целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во 1978 година со САМОПРИДОНЕС на жителите на Скопје (не знам од каде дрскоста денеска да е под владение на општината Сарај, а не на градот Скопје и на скопјани). Изградено точно пред 44 години и точно на 15-годишнината од катастрофалниот земјотрес, во 1978 година, планиран да се направи уште во далечната 1964 година. На каналот Јутуб има видео од отварањето на кој почесен гостин бил и другарот Тито, слободно погледнето го преубаво е и видеото и езерото полно со едрилици и почесни гости и големиот гост со онаа негова препознатлива пура во раката.

Езерото Треска парира на тогашното елитно летувалиште и рекреативен центар Сарај. Ех како деца задолжително беше да не носеа на излет во Чичино село. Ќе не’ „натовареа“ во црвените Лејланд автобуси, се сеќавате оние автобуси со автоматски брзини, па кога ќе сменеше мајсторот автоматска брзина, ако се наоѓаше во задниот дел на автобусот и не се држиш силно за држачите, отиде во преднот дел кај мајсторот у скут. Кога сме кај држачите, најсмешни ми беа оние налепници на кои пишуваше „Држете се за држачите“, а скоро сите беа поправани од магупите она „ж“ од држачите во „к“. Ви текнува нели. Денес ова таканаречено село е разрушено и бедно и преставува само дом на избеглици. Истата судбина е со и со СРЦ Сарај. Ако не сте биле одамна, слободно посетете го, покрај убавите спомени, ќе ви потече и по некоја солза од жал и очај за оваа скопска атракција.

Идејата за изградбата на езерото, според скопските муабети е дека Ромите смислиле една весела песна „Скопје, Сарај, Матка, релација кратка“. Песната во тоа време била хит, кога со велосипеди се одело на излет во Сарај. Тогаш во Треска ретко кој се капел бидејќи реката била премногу студена, а Вардар бил тогаш полн со плажи и капачи, бил и чист како солза. Плажите почнувале од влевањето на Треска кај Бел бунар, па преку Соколската плажа во Ѓорче, прочуената Дебармаалска-руска плажа, Бунгур, па Градска, Офицерска, Три бомби итн. Не се ни помислувало на одење на излет или капење на реката Треска.

И така израснало ова прекрасно езеро. На површина од 136.000 м2, длабочина од 1,6 до 3 метри и со капацитет од 10.000 капачи. Со чиста синозелена вода, со четири базени за деца околу езерото, паркинзи, ресторани, киосци, соблекувални… се’ што треба за едно пријатно капење и уживање.

Какви убави спомени буди ова езеро кај мене. Едвај чекавме со брат ми родителите да си дојдат од работа (тогаш работното време беше до 15.00 часот) во летните пеколни денови, и да не однесеа да се бањаме, па кога ќе дојдевме на езерото, најинтересниот дел беше спуштањето во него, на оние бетонски косини кои во одреден период од подолгиот отстој на истата вода се собираше мал мов на нив и онака „улетани“ и „клизечи“ влагавме во езерото. А, да пробаш да излезеш по истите, ехеее е тогаш тој што ќе успееше добиваше аплауз од присатните, беше херој. Боже колку ни беше убаво, уживавме во викендите кога со комшиите или пријателите ќе се договоревме онака чопоративно да правиме излети таму, со оние препознатливи кампинг столчиња и креветчиња кои ги купувавме од „сиромашните Пољаци“ кои одејќи со „пеглите“ во Грчка на море, на враќање продаваа се’ живо и диво на главна станица бензинска пумпа Врање (каде се само денес тие „сиромашни Пољаци“, а каде сме ние само, трагедија како се менуваат времињата и судбините). Па, се отвараа масичките со спремени јадења од дома, или се купуваше од ближните ресторанчиња, се веселевме и дружевме и социјализиравме со друштвени игри, заеднички мезиња, чопоративно капење, се имаше тогаш и време и пари и желби. Спомени, спомени и спомени ќе ми требаат уште три колумни, но да скратам.

И денес релацијата Скопје-Сарај-Матка навистина е кратка ама… Поради загаденоста на водата, истото езерото е затворено како капачки објект уште од 1998 година. Направени се неколку обиди за негово повторно отварање и заживување, но безуспешно. Неколку градоначалници најавуваа негово повторно отварање со предизборни ставови дека езерото е на скопјани. Сите излажаа или неуспеаа во нивните преизборни убедувања од икс познати причини.

Езерото денеска е една само тажна слика како спомен од некогашното убаво езеро, каде дневно престојуваа и преку 30.000 капачи. До минатата година единствените упорни, беа камперите кои Општина Сарај со багери ги избрка и нив. Причината е формирањето на Туристичката Развојна Зона Сарај-езеро Треска, која со Одлука на влада е формирано минатата 2021 година, по иницијатива на Општина Сарај, а од тогашни наводно заинтересирани инвеститори од Турција. Донесениот урбанистички план, според градоначалникот на сарај Беџети, е поделен на 4 блока. Првиот блок е сегашниот Спортско-рекреативен центар Треска со површина од 13,18 хектари кој со планот ја задржува намената како јавен простор за капење и за него не е формирана градежна парцела. Околу езерото планирана е заштитна зона со ширина од 30 метри која воедно претставува плажа со површина од 5,39 хектари. Вториот блок се наоѓа од десната страна на реката Треска и се предвидуваат маркички за викенд куќи со приземје, два ката и поткровје, а површината на овој дел е 12 хектари (ова сигурно ќе биде најинтересниот дел). Третиот блок со површина од 10 хектари е од левата страна на реката кај влезот на езерото со површина од околу 10 хектари и таму ќе се градат хотелски комплекси со два ката и поткровје, а во четвртиот блок кој е најмала со површина од 2,4 хектари е предвидена маркичка за трговски центар и пазар на отворено на кој ќе се презентира културата и традицијата на локалното население (само кое локално население?).

Немам ништо против, дури напротив дај боже да има заинтересирани реални инвеститори, само да не се тоа како што се’ бидува кај нас, заинтересирани само за купување на земјиштето и ништо повеќе и наместо хотелски и угостителски комплекси, да никнат станбени објекти и објекти за домување како во Маврово (пишував и за него пред неколку колумни).

Но алелуја, живи били па видели. Нас не ни останува ништо друго туку да го имаме езерото во нашите спомени онакво какво што беше создадено и да им раскажуваме на нашите деца и внуци, како што тоа моите ми го прераскажуваа за прекрасните плажи на Вардар. Денеска неможеме да изрушиме онолку, колку што нашите со самопридонесите го изградиле. Ете, за толку не’ бива изгледа.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес