Како се злоупотребуваат македонските патриоти од иселеништвото-преку примерот на т.н. Дневник на македонскиот маченик Драган Богдановски

Одоговор на реакција од 5.1.2022 г. од Трајче Т.Трајковски, Претседател на
ЗК на ВМРО-ДПМНЕ, Перт Западна Австралија

Почитуван сопартиец Трајче Т. Трајковски, на почетокот од мојот одговор на твојата навидум реакција мора да напоменам дека неволно одговорам од две причини. Првата причина е тоа што се сомневам дека концептот на реакцијата е реално е твој, а второ тоа што воопшто не ја знам твојата професионална биографија. Додека пак мојата е јавно позната, над 35 години поврзаност со правото, контакти со универзитетски професори, со научници и високо образование. Токму тие контакти ги искористив во консултации за издржаност на мојата реакција од 30-ти декември, 2021 година.

Драг сопартиецу, во твојата реакција на почетокот доминира зборот „против“. И во тоа е суштината на проблемот, наместо сите реакции досега да ги разбереш како отворање на очи пред фактот како ве изманипулирала „почитуваната“, ти сите законски, издавачки, морални посочувања ги доживуваш како напад. Затоа не се разбираме, а се’ е толку јасно и покрај тоа што те повикав сам да се информираш за она што ви го предочив.

Свесен сум дека тоа издание (додавано, одземано, кумувано) мора да се брани по секоја цена. И тоа од почитуваната професорка Виолета Ачкоска, чиј углед во Македонија овде е сериозно разнишан, верувај ми, лично направив напори да дојде книгата до што повеќе нејзини колеги од Катедрата за историја од каде што се пензионираше до Институтот за национална историја. Реакциите секаде беа „зарем можно е ова да го направила“? И тука жалам што ти тоа не сакаш да го прифатиш, туку веруваш стопроцентно во она што таа ќе ти го соопшти. Сакам да ти посочам дека не ме чуди кога антимакедонски центри издаваат антимакедонски книги, но ме загрижува кога грст наши сопартијци од дијаспората се заслепени од нечија слаткоречивост и патриотски (неискрени) емоции.

Реакцијата која си ја испратил, почитуван сопартиец е полна со емотивни категории, со флоскули, со обид да бидам прикажан како негативец. Тоа е веројатно потребно за пред оние кои ја финансирале книгата. Но, упорно цел месец избегнувате да одговорите на клучни прашања и само се повторувате со едни исти тези. Морам да ти напоменам дека кога „спомнуваш“ мрачни минати времиња тоа треба да го правиш внимателно затоа што јас учествував во возобнобувањето на ВМРО во тие  времиња. Но вашата приредувачка на книга, почитуваната проф. д-р Виолета Ачкоска беше член на Сојузот на комунисти и стручен соработник на марксистичкиот центар „Мито Хаџи-Василев Јасмин“. Приврзаник на оној режим кој го гонеше Драган Богдановски, тебе, мене и затоа овде сите се чудиме како доверивте на таков историчар да крои и прекројува книга за нашиот Драган. Кој парадокс! Знам дека ова ќе те шокира, но вистината ослободува.

И да се вратиме пак назад кај флоскулите: „книгата е јавно објавена“ што не е точно. Тајно е печатена, не е промовирана и набрзина испратена во Австралија за да на големи ѕвона се земаат заслуги за нејзиното излегување (кој за слава, кој за да наштети на Драган Богдановски, кој за пари). Велиш „Задграничните комитети во Перт и Аделаид се горди што помогнаа за реализацијата на овој вреден проект и што фигурираат како издавачи на книгата“. Кој го оспори тоа чувство на гордост, дел од вас навистина веруваат дека направиле нешто добро. Но не сте информирани, не ве информирала „почитуваната“ за многу нешта.

И пак во твојата реакција настапуваш со старите демантирани тези на наследување и трагикомично потврдуваш дека Пјер-Арне Богдановски НЕ СТЕ го консултирале пред да ја печатите книгата. Притоа воопшто немаш сознание како е регулирано тоа право во семејството. И внимавај колку смешно, ти (вие) се ставате над најблиското семејството на Драган Богдановски и одлучувате што може да биде издадено! Се лутите што ве оспоруваат, а тоа што оспорувате е во ред.

Во оној дел каде најзначајно ви е да не’ убедите сите нас дека „Дневник“ е оригинал, автентичен, а всушност наивно најмногу потврдувате дека не е така. Барате да ви веруваме на жими мајка! Со исказите „Делови од Дневникот беа објавени уште додека Драган беше жив“; „Притоа книгата ја дополнивме со оние делови од истиот тој материјал што ни беа достапни…“ потврдуваш дека вие сте СОЗДАЛЕ „Дневник“ со сечи-лепи и додавај!!! Ниту Драган Богдановски оставил „Дневник“, ниту било што слично. Вие и вашата „почитувана“ сте направиле Франкештајн дневник. И овде ќе те поканам да доставиш ОРИГИНАЛИ, не копии кои може секој да ги направи.

Никој не те обвинува тебе што сте ги пишале ЗК за издавачи, вина сноси „почитуваната“ професорка која многу добро знае како се подготвува книга, а ве навела на многу грешки и недостатоци со самото тоа што не ви укажала со време. И ова е преписка меѓу мене и неа која тебе и другите ве има како пиони пред себе, без да се навредиш…

Драг сопартиецу, јас не барам мене да ми веруваш, туку барам сам да отвориш закони, правилници, да се консултираш со други научници со Македонија и сам да дојдеш до вистината која е тажна, дека сте излизгани на тенок мраз. Попатно кога објаснуваш за ЦИП и ИСБН, те прашувам дали лично се обрати во НУБ „Свети Климент Охридски“ или доволно ти беше тврдењето на „почитуваната“?! Дали во Македонија праша било кој друг научник дали во ваква книга треба да пишува уредник, носител на авторско право, име на печатница, тираж или ќе и веруваш само на една личност и ризикуваш да се срамиш во иднина од ова што го тврдиш? Си слушнал ли за стручен коментар, фусноти, увод на содржина!?!

На страна 320 од книгата на проф. д-р Виолета Ачкоска „Осознавање на историјата“ е напишано: „тие ( спомени, сеќавања, дневници, биографии, животописи и друг вид изданија) може да се најдат објавени во изворна форма, на јазикот и писмото на пишувачот на истите, со предговор и објаснувања од научен работник…“. Се надевам ќе го провериш ова.

Во врска за ова тврдење: „Илиевски лаже кога тврди дека Јордан Груев на ’социјалните мрежи’ ги напаѓал ВМРО ДПМНЕ затоа што Јордан Груев воопшто не учествува и не членува на социјалните мрежи“, ќе ти одговорам со овие скриншотови:

Се надевам дека господинот Манојил Јаковлески веќе презел мерки кај нашето раководство да не’ заштити нас ветераните од вакви навреди и недолични содржини. Навистина жалам што ти си одбран да ги поднесуваш овие аргументи. Драг сопартиецу, се’ што се однесува за Унијата на ветерани, решаваме ние во Унијата, чиј организационен секретар сум јас. А, за се’ што се однесува за Драган Богдановски решава неговиот брат, научниците и партијата што ја основа! И пак дубиоза, обвинуваш дека сум внесувал смут кај ветераните, а најдолу на едно многу ниско ниво спомнуваш основач на партијата со малограѓански подметнувања.

За крај, сите прашања, целата лутина насочи ја кон личноста која ве подвела. А, за сите мои тврдења прашај други правници и научници, верувам дека во твојата следна реакција ќе напишеш со кого си се консултирал.

Ова нема да заврши овде, те уверувам веќе контактирани се неколку институции за што јавноста ќе биде подетално запознаена. Еднаш мора да се спречи градење слава врз делото на нашиот идеолог. И те повикувам да не браниш тоа што е неодбранливо, затоа што овие наши писанија ќе сведочат многу во иднина.

П.С. Кога ќе се консултираш со професорката Виолета Ачкоска прашај ја дали пред неколку години беше обвинета за плагијат во врска со нејзината книга „Методика на наставата по историја“ од српски научници и еден наставник од скопско училиште?

П.П.С. На 19 страна од т.н „Дневник“ , Драган Богдановски, прв пасус му се обраќа на читателот. Дневник кој се подразбира како крајно интимна работа се пишува за себе, а не за читатели. За читателите да се замислат околу автентичноста.

Поздрави до сите чесни членови од ЗК Перт и Адеалид кои го почитуваат ликот и делото на Драган Богдановски.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес