Како треба да се развиваат локалните економии

Ќе се осврнам на еден од поубавите мали градови во Република Македонија. Некои го нарекуваат Швајцарија на Балканот, а според одредени истражувања токму таму процентот на концентрација на кислород во воздухот е на највисоко ниво од сите населени места во нашава држава. Веќе претпоставувате дека станува збор за најисточниот град во Република Македонија – Берово.

Јас го сакам градот од емотивни и семејни причини, но веројатно го засакале и оние, кои барем еднаш досега сигурно го нашле својот спокој, мир и тишина во Берово. Беровчани се познати по своите историски приказни и силен патриотски дух, нивната  гостољубивост, голема љубов кон локалните обичаи, почитувањето на оригиналниот дијалект, нивната духовитост и давањето на непресушни комплименти за нивниот роден крај.

По распадот на поранешна СФРЈ и овој град беше дел од типична македонска транзициска приказна. Со тешката приватизација (која не е предмет на оваа колумна, но на која мора да се потсетиме) градот остана без поголемиот број претпријатија и работодавачи, и оттука голем број од граѓаните останаа без работа. Во Берово локалната економија доживеа тотален колапс, а целокупниот товар падна на граѓаните кои својот излез за преживување го бараа во креирање на мали компании, земјоделието и сточарството. Социјалниот колапс истовремено допринесе и кон делумно интензивирање на процесот на иселување на населението од општината и државата, што до тој временски период  барем за тој крај од државата беше традиционално нетипично. Колку и да не сакаме да признаеме, Берово беше град без јасна визија за иднината. Освен во периодите пред избори, односно додека се одвиваа изборните кампањи Берово беше заборавено. Денес, за среќа, гледам една друга појасна слика и скриениот песимизам за возможен економски развој на овој град постепено се претвора во јавен оптимизам кој отвора искри на надеж за негова посветла перспектива.

Хроничната болка на Источна Македонија без која не беше возможен нејзиниот понатамошен  економски развој во голем дел беше предизвикана и од несоодветната патна мрежа. Катастрофалната инфраструктура несомнено беше основна причина за постојаниот и непотребен метеж, големиот број на сообраќајни несреќи и изгубени човечки животи, изгубени работни часови, предизвикани материјални штети и секако психолошки трауми за голем број на семејства. Сето тоа веројатно одамна ќе беше минато, доколку постоеше реална иницијатива и барем малку политичка воља и свест насочена кон изградба на квалитетна патна инфраструктура. Фактот што се чекало толку многу за да се случи ова што денес е реалност, едноставно укажува на тоа дека не постоела ниту минимална, а сепак неопходна визија за градење на соодветна стратегија на рамноправен економски развој на нашата земја. Сите ние и веројатно генерации по нас ќе ја памтат оваа Влада, која го реши клучниот проблем што го кочеше развојот на Источна Македонија. Конечно некој во Македонија сфати, дека патната инфраструктура е интегрална варијабила за непречен економскиот развој, а позитивните резултати од изградбата на новите патни правци, како и санацијата на постојните верувам дека ќе допринесат сите да се чувствуваме  инфраструктурно побогати, сообраќајно побезбедни и во промотивниот настап кон странските инвеститори и туристи посигурни и похрабри.

Берово од пред една недела ја промовира и својата прва Технолошко – индустриска развојна зона, која се стреми да привлече странски директни инвестиции и компании, а кои се надеваме дека дополнително ќе бидат поттикнати со новите инфраструктурни вложувања, со добрите услови за водење на бизнис во нашата земја и кои ќе им овозможат на новите работадавци да ја ангажираат креативната работна сила на невработените во Берово и околните населени места.  Од друга страна, можностите за понатамошно инвестирање веројатно ќе дадат дополнителен поттик и кон развојот на туризмот. Покрај постојаната поддршка која градот ја добива за интензивирање на изградбата на нови турстички објекти, таму наскоро се очекува да бидат изградени и нови ски- патеки што ќе служат за привлекување на поголем број туристи и секако ќе допринесат за  развој на  локалната економија. Овде не би требало да се заборават и засилените субвенции кои по 2006 година ја разбудија заспаната земјоделска и сточарска функција на општината, ги вратија земјоделците и сточарите во нормална кондиција, а со тоа ја освежија и економската моќ на овој ридско – планински крај.

Берово со сигурност ја заборава тажната приказна на поголемиот број од градовите во Република Македонија кои подолг временски период беа целосно запоставени. Локалниот и регионалниот развој и големиот број на политики кои се клучни за нивната реализација почнуваат практично да функционираат и да ја  стимулираат локалната економија. Со непосредна поддршка на Владата на Република Македонија, единиците на локалната самоуправа, приватниот сектор и сите други стејкхолдери во локалната заедница конечно имаат реална платформа за соработка насочена кон засилен развој на локалните економии со крајна цел која претпоставува поддржување на инклузивниот и одржлив  развој на државата.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.