Како знаеш кога политичар лаже? Неговите усни се движат.

1191

Во поранешната држава Република Македонија наместо животната енергија на демократијата и политиката да се црпи од вистината, се црпи од вешто спакуваните и исфабрикувани лаги.

Македонскиот народ како никогаш досега ја заслужува вистината? Зашто чувствува дека ја губи државата. Онаа од референдумското прашање од 1991. Отсекогаш сметав дека мора да имаме точни информации од луѓето што ги избираме. Зашто нивната функција е да не претставуваат нас и дека затоа немаат право да лажат, или да не доведат во заблуда.

Последниве години токсичната состојба на политиката кај нас е тешка за навигација. Ги спуштивме премногу ниско стандардите на кои функционираат демократиите. Моделот на демократија и правда што ни го понуди новата власт е разочарувачки и не е во состојба да ги следи ветувањата на политиката. Наместо вистина сиве години ни беа нудени лаги и заблуди. Така лесно и така бескрупулозно. Гледам со фасцинација како нашите политички лидери сиве години тргуваа со лаги и измами за да ги имплементираат политиките што немаа поддршка во народот. Реално, вистината никогаш не беше и не се сметаше за политичките доблест кај нас, а лагите: лагите отсекогаш биле сметани за оправдани алатки во политичките авантури во оваа држава. Како онаа дека привременото име на државата за меѓународна употреба ќе биде за три месеци. Има и други, дал господ.

Очигледно е дека лажењето е толку вкоренето во нашиот политички систем, што без него тешко може да се замисли политичкиот процес. Им дозволивме на политичарите да лажат толку смело, толку многу што веќе не се сеќаваме на вистината зад нивните прикривања и лаги. Во моментов политичкиот процес кај нас е потонат во спиралата на лаги, интриги и градење лажни митови. Оваа активна, агресивна способност на политиката во Македонија не прави пасивни консументи и лесен плен на лажните креирани илузии, искривувања на меморијата и дисторзија на нашиот сензуален и ментален апарат. Со други зборови, намерното негирање на фактичката вистина, способноста да се лаже, способноста да се променат фактите и способноста да се дејствува се меѓусебно поврзани и го должат своето постоење на истиот извор: имагинацијата. Имагинацијата на нашите политичари.

А, имагинацијата на политичарите што ја владеат Македонија во моментов е неисцрпна. Посебно во сферата на лидерството што конечно ги решава историски проблеми на оваа држава: како што е нејзиното име во спорот со Грција, односите со соседите, до нејзините евроатлански интеграции. Големи лидери за големи одлуки. Историскиот момент бара голем лидер што ќе поведе и ќе ја преземе одговорноста за државата. Лидер за нобелова награда. Големи зборови за големи лаги. Целата текстурата на ваквите тврдења во кои го поминуваме секојдневниот живот последниве години е перфорирана и раскината на парчиња од организирано лажење и креирани заблуди од власта, поединци, медиуми и групи блиски на нив. Едноставно, преку лагата фактите треба да паднат во заборав. Денешната политичка арена во Македонија е доказ за тоа како измамата и лагите работат против народот. Резултат: недоверба кон она што очигледно е растурен демократски систем и одбивање да се легитимизира опасно генерирана моќ која очигледно не е во интерес на народот? Барем не на оној мнозинскиот. И, намалена, речиси осиромашена политичка продавница на доверба која е потребна за функционално управување со државата.

Во нормални околности оној што лаже треба да е поразен од реалноста, за што нема замена. Без оглед колку е големо ткивото на лагата што искусен политичар може да понуди, никогаш нема да биде доволно големо да ја препокрие фактичката состојба. „Блескавата“ разлика помеѓу политиката денес и порано во Македонија е високата магнитуда на лаги и претерувања. Се прашувам: дали низ политиката на оваа влада воздигната е уметноста на политичките лаги, заблудии и фабрикати, со што засекогаш се промени абсорбционата подготвеност на македонците да ги толерираат своите политички лидери.

Кај нас отсекогаш постоело прифатливо и оправдано ниво на недоверба во политичарите и во она што го зборуваат. Но, денес по се што се случува власта успеа да изгради цврсто автоматско предубедување дека на политика не треба да и се верува. Дека оваа власт не може да понуди нов модел на политичар што е способни да го преземе товарот на вистината и со својот авторитет да и дадат глас на вистината.
Очигледно дека покрај се на крај некому во оваа држава ќе му треба добро сеќавање.

П.С.
Можеби до неодамна употребата на зборот „лага” се сметаше дека е премногу сурова, и неприкладна и жестока реторика во политичкиот говор. Зборот лага беше заменет со зборовите дека политичарот во изјавата не бил искрен, или не ја кажал вистината, или фактите упатуваат на нешто друго. За жал лагите на политиката кај нас се многу големи и бројни што е тешко да се држите до некоја политичка коректност. Особено, ако пред година дена главна вест беше добивањето на датум за преговори со ЕУ, а година подоцна тој датум да го нема.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.