Каков ни беше животот

Историско-политичките аспекти на денешниов шарен-либерален, начин на живот се предолги и прешироки да се опфатат во некаква, било каква анализа… сеедно, јас сум пред се’ емотивец кој некои работи ги паметам како слон. Памтам, Живот!

Паметам каков ни беше животот пред 20-30 години додека западот сеуште од петни жили се трудеше да докаже дека е подобра опција од комунизмот. Кога го срушија, се најдоа без идеја и без идологија, без компас кој предизвика хистерично наметнување на дегенеративно-орвелоски релации базирани на фројдовските сознанија, тероризам, ептен-претерно потрошувачко општество, себичност и себичност …Ах, баталете, преку Тасета од научниците кои денес во името на деМонкратијата си ги оправдаа сите можни обезличувања.

Пред десетици години, кога некој ќе дојдеше пред врата и заѕвонеше, тоа беше настан. Да и тоа каков. Цела фамилија рипнуваше на нозе и во стиплчез стил се трчаше до влезната врата кој попрв да отвори. Да ѕирнеш низ окцето на вратата или да погледнеш кој е пред врата?!?! Ма дај… Три мили стотинки отако ќе заѕвонеше вратата се отвораше нашироко без било какво предомислување и со благопријатен поглед се поздравувше тој што дошол
-Од кај бе па вие тука?
-Бевме во компшилук …
-Какво пријатно изненадување… влезете, влезете, не се соблекувајте, домаќинска куќа е ова!

Без никакви подолги домуабетења право во дневна, а мајката ги отклучуваше од бифето златните резерви на наполитанки, бајадери, кикирики, переци и грисинки кои беа поважни одошто залихите за трета светска војна или временска непогода. Златното креденче отклучано, а ние децата си пукавме петки, оти кога Аладин ќе кажеше СУСАМЕ ОТВОРИ СЕ! знаевме дека пристапот до залихите со останатите прекуемерни чоколадни делиции наредните два часа беше достапен.

Бабата во кујна веќе сецкаше ордевер на послужавник од пола метар квадратен. Сиренце, кашкавалче, најмалу три вида од кој задолжителен мавровскиот, саламче, мортаделче, врат, чварки, маслинки, кисели краставички. Таткото налеваше од бинлакот со 20 годишната жолта за специјални прилики, а бинлак од 4 литри мораше да има комада два, ма секако дека се вадеше и Џони Вокер. Додека да си рекол „пиксла“, поминале два часа, едвај ги пушташ да си одат. Пола саат испраќање на врата, по скали, во лифт, до врата на кола, вратата отворена, со една нога гостите веќе влезени а мубаетот крај нема… и се завршуваше дека наредниот пат НИЕ мора да дојдеме, и тоа да го ветиме три пати дека ќе дојдеме навистина… мафтање по колата…
Денес, ретко кој живее вака, не дека нема ама се помалку. Ние, смртниците во „животов“ кој ни надојде, во ова технолошко време кога подемот на кафеаните и рестораните е правопропорционален со недоаѓањето дома на гости еден кај друг ретко прошируваме пријателства, ако не се провери преку фб и партиска определба… па, ни тогаш. Кафаните се се’ пополни, домот се’ попуст, сите имаат некакво чувство дека имаат пријатели… до првата криза, кога ќе сфатиш колку фејкерски е се’ околу тебе.

Кога денес некој ќе ти заѕвони на врата, прво ококоруваш очи, погледнуваш лево-десно, и ако има некој во видокруг, во стилот на Марсел Марсо со пантомима и знаци даваш на знаење на цела фамилија да заќутат, клекнат, да нема движења, да не се прави бучава, ниту сенка. Како маринци или специјалци пред акција. Се’ е тивко, на прсти, движење скоро и да нема нема. Тишина како во гроб! Ако има можност се ѕирка позади прозорот со извежбани нинџа движења да не се забележи било какво мрдање на завесата, или да се угасне светлото во ходникот пред да се крене капачето од окцето на вратата за да не се види светлина одвнатре кога шпијунски треба да ѕирнеш кој е пред врата. Додека си клекнат пред врата со неми движења на устата се распрашуваш по домашните, без звук, дали некој поканил некого… потоа отвораш врата, т’нко, т’нкичко, колку да ѕирне едно око, цврсто држееејќи ја кваката за да имаш доволно време ако некои јеховини сведоци ти се намерачиле. Денес и нив ги нема поише, се’ е спам реку меил.

И да, најчесто се или се просјаци, или инкасатори, или некоја религиозна група, или собирачот на станарина или коледари од сорта која нема допирна врска со твојата вера… каде се пријателите? Нема, пријатели. Само глумиме пријателства по локали. Пријателите мора да се најават една недела по меил, па ако има договор, следуваат смс пораки и на крај директно јавување. Виберот е најпожелен за да не се арчат пари на стандардните комуникации.

Ако скраја нешто малку непланирано сте се нашле во ситуација да се бапнете ненајавено… ексик, јавувањето мора да биде барем пола саат пред да дојдете и уште две ѕврцкања со мобилен, едно од паркингот другото пред врата. А, ѕвончето… па не е баш пожелно ама ај, едно ѕврц за атер на традицијата. Нема софра, нема ракии, мезелуци, нема долги задржувања… барем на почеток… сите стегнати… и две можни сцанарија следуваат на овој редок феномен доаѓање кај некого дома… И кога ќе се раскравите после 20 минути, кога кафето ќе се залее со ликер кај жените, виски кај мажите, кога ќе те пукне носталгија и се сетиш како ти било некогаш, каков добар филинг имало во сите оние дамнешпни ад-хок дружби, со тегнење на ракав не се пушта гостинот, но за жал ретко.

Обично седенката е „на трње“ целата во стилот СИ ОДИТЕ, ФАЛА БОГУ ИЛИ ОСТАНУВАТЕ УШТЕ, НЕ ДАЈ БОЖЕ… ! Немам ништо освен кафе, не ве планиравме…

Им завидувам на децата, додека се деца, кога некој ќе ти висне на врата едвај познавајќи те го внесуваш во твојата соба и играш до сабајле со него додека ние проверуваме преку интерпол чие е, каде работи татко му, за која партија е…

Ѕвончето на вратите некогаш беше звук на радост, денес траума.
Фала ви што направивте шлајм од еден убав цивилизиран живот.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес